За два часа зголемено работното време на централниот градски пазар во Велес
29.05.2020
Секој работен ден од 7 наутро до 16 часот попладне или осум часовно работно време се воведува на отворениот градски пазар. Одлуката ја донесе денеска Општинскиот кризен штаб откако процени дека треба да се амортизира најголемиот метеж што досега секојдневно создавал во периодот од 9 до 12 часот претежно на тезгите за прехрамбени производи како зеленчук, овошје, јајца, сирење и друго.
Сите други продавачи на текстилни и непрехрамбени производи ќе работат по старо, само во пазарните денови по старата шема. Тоа значи дека тие што продавале во вторник не ќе можат да ги изложат своите производи и во петок затоа што нив ќе ги заменат други продавачи кои не продавале во вторник.
Доколку не се промени на полошо општата состојбата од изминатата недела можно е на наредната седница на Општинскиот кризен штаб да биде донесена дозвола со која сите продавачи ќе можат да продаваат во сите пазарни денови текстил и непрехрамбени производи.
Мерките за контрола што ги превзема ЈКП „Дервен“ на влезовите и излезите од овој пазар остануваат исти и во наредните седум дена. Засега сеуште не се создадени услови за отворање на покриениот пазар во Нова населба пред се поради проблемите во вентилацијата сметаат членовите на Општинскиот кризен штаб на Велес./У.Ј