Доктор на економски науки, со над 15 годишно искуство во областа на локалниот и регионален развој, е именуван за нов в.д раководител на Вардарски плански регион
16.05.2020
Др Игор Андреев е дипломец на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ – Скопје и во 2014 година докторира на Економскиот факултет на УКИМ – Скопје. При тоа промовира методологогија за креирање позитивен имиџ на населените места за привлекување инвеститори, туристи и слично со што станува прв доктор на науки во државата на конкретната област. Тој е именуван вчера на седница на Советот на Вардарски плански регион за нов негов в.д раководител.
Како експерт др Андреев има учествувано во изработката на десетина стратегии за локален и регионален развој, но и на посебни секторски стратегии за поддршка на иновациите, претприемништвото и семејните бизниси. Андреев е одличен познавач на процесот на децентрализација а неговото консултантско портфолио содржи ангажмани на голем број проекти, финансирани од домашни и меѓународни донатори.
Во текот на академската кариера, работејќи како асистент на катедрата за маркетинг и бизнис на Економскиот факултетпри УКЛО-Битола реализира тримесечен студиски престој на Факултетот за бизнис и економија на Линаеус Универзитет во Шведска. Таму има можност „од прва рака“ да се запознае со мерките за поддршка на иновациите, претприемништвото и „паметни градови“, како и со начинот на организирање на бизнис- акцелератори и технолошко – научни паркови во една од најиновативните земји во светот.
Исклучителен е неговиот придонес во стартувањето со работа на велешкиот „X Фактор Акцелераторот“ , каде е еден од основачите. Тоа е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој во изминатиот период, Велес и Вардарскиот плански регион, ги позиционира на мапата на значајни стартап центри во државата и пошироко.
Неговиот избор за раководител на оваа значајна институција се очекува да даде дополнителен импулс за развојот на сите општини во регионот. И директно и индиректно со личниот придонес во борбата за задржување на квалитетните кадри во локалните средини без кои не може да се замисли идниот развој на населените места.
Др Игор Андреев ќе го замени досегашниот в.д раководител Марко Колев, кој две и пол години беше на чело на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион./У.Ј