Коцевски: Состојбата со коронавирусот во Велес не е алармантна и нема потреба од ширење паника
14.05.2020
Лоцирани се сите извори на зараза од страна на епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Велес со тоа тие состојбата ја држат под контрола. Во последното деноноќие се регистрирани двајца новозаразени велешани или во Велес вкупно инфицирани, до денеска, се 111 граѓани. Исто така во евиденцијата на оздравени граѓани се евидентирани тројца со два негативни тестови. Се очекуваат резултатите со кои за целосно оздравени ќе се водат уште седум пациенти.
-Има 56 велешани целосно оздравени со два негативни тестови додека 48 се сеуште активни случаи. Од нив 23 се на домашно лекување а 25 се хоспитализирани и тоа 21 се лекуваат на Инфективното одделение во болницата во Велес од кој еден на кислородна поддршка со полоша клиничка слика додека 4 во Инфективна клиника во Скопје Денеска има двајца новозаболени и тоа еден од конфекцијата „Јука“ кој 16 дена не одел на работа и точно не може да се утврди како заболел. Синоќа на Инфективната клиника во Скопје почина уште еден велешанец, на возраст од преку 70 години, рече градоначалникот Коцевски.
Тој е шестиот случај на велешанец кој ја изгуби битката со болеста додека еден од починатите е од Чашка.
На денешната прес конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски соопшти дека со потпишани изјави за самоизолација се 26 сограѓани додека 89 во самоизолација со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Седум велешани се во различни државни карантини во хотели низ државата.
Во изминатите седум дена СВР Велес до Јавно обвинителство поднел 8 кривични пријави за непочитување на полициски час додека предупредувања за неносење маски добиле 40 граѓани.
Коцевски ги демантираше обвинувањата од Левица и од ВМРО ДПМНЕ што се однесуваат на случајот со заразените вработени во конфекциската фабрика “Ју Ка”.
“Неумесно е кон граѓаните во услови на оваа криза кое го засега секое семејство некој да се обидува да собира политички поени без без притоа да спомене дека општината нема надлежност да ја контролира „Јука“ туку Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Трудова инспекција. Општината може преку Кризниот штаб да му укаже на сопственикот, што јас го сторив, за мерките што е неопходно да ги превземе. Јас тоа го направив, тоа што можев и што ми дозволуваат законските надлежности. Од вчера, имам информации, дека таму државните органи веќе водат постапка за овој случај. Затоа апелирам Левица и опозицијата да не ја замајуваат јавноста со дезинформации”, додаде Коцевски./У.Ј