Коцевски: Осум од новозаболените со „Ковид 19“ се од постоечки кластер, тивкиот убиец ја зема и четвртата жртва во градот
7.05.2020
Осум од постоечки кластер на конфекциска куќа и еден член на Советот на Општина Велес се новозаболени од „Ковид 19“ денеска во Велес. Со нив вкупниот број на заболени во градот изнесува 93 и ако се додадат двајца во населба Чашка, во Општина Чашка, бројот изнесува 95 граѓани. Вчера почина четвртиот велешанец. Станува збор за маж на 72 годишна возраст чија здравствена состојба се ископлицирала во текот на денот а смртта настапила вечерта. Во моментов статистиката покажува дека во Велес има 47 активно болни, од кои тројца се од Чашка додека број на оздравени изнесува 44 граѓани, кои се потврдени со два негативни теста.
-Дваесет и осум наши сограѓани и сограѓанки се наоѓаат на домашно лекување додека 21 како лежечки болни се евидентирани на Инфективното одделение во велешката болница. Минатата недела биле 13 што значи дека има пораст. Од нив 20 се позитивни додека за еден ќе се прави тест бидејќи е со симтоми на коронавирус но сеуште не е докажано, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Од 21 заболени и хоспитализирани на инфективното одделение двајца се на кислородна поддршка а останатите во стабилна здравствена состојба.
-За жал еден наш сограѓанин е подолго време на болничко лекување во Скопје и се наоѓа на респираторна машина. После добрата вест дека еден пациент успеа да оздрави иако беше ставен на респираторна машина ни останува да се надеваме дека и нашиот сограѓанин ќе успее да се справи со оваа болест. Уште еден велешанец се наоѓа во Градска болница „8 Септември“ во Скопје и не поради толку лоша здравствена состојба туку заради превентива бидејќи оди на дијализа, додаде Коцевски.
Градоначалникот прес конференцијата ја одржа по седницата на Општинскиот Кризен штаб на која преставник на СВР Велес соопштил дека поради не почитување на мерките и прекршување на полицискиот час во месец март, годинава се поднесени 30 кривични пријави, во април, годинава 58 и во месец мај, до вчера 11 или вкупно 99 кривични пријави против граѓани. Во моментов полицијата врши контрола и на 120 граѓани од Велес и од Чашка за почитување на мерката изолација. Нови се шест велешани кои се самоизолирани по враќањето дома од странство.
Помеѓу двете седници на Кризниот штаб, волонтерите на Црвен Крст, поделиле 112 пакети на семејства од ромската заедница, 5 во Велес и еден на друго семејство додека денеска ќе се поделат уште 45 пакети со храна донација на хуманитарната организација и на Фондација Отворено Општество Македонија. Мобилните екипи добиле 5 повици и интервенирале со пакети во храна кај три и уште кај две семејства за потреба од лекови. Психосоцијална прва помош дале на шест лица и два прегледи од страна на мобилниот лекар волонтер.
ЈКП „Дервен“ со останатите надлежни служби врши постојано дезинфицирање на зелените парковски површини, освен редовните работни задачи за чистење, собирање на смет и озеленување како и засадување на хортикултурни растенија, во градот како и на излетничките места особено на бреговите на „Езеро Младост“./У.Ј