Денеска двајца новозаболени велешани од „Ковид 19“ до крајот на април вкупно 71 заболени
30.04.2020
Заклучно со вчерашниот ден во Општина Велес има 69 инфицирани лица, три починати и 14 оздравени. Во инфективното одделение во ЈЗУ „Општа болница “ Велес, во моментов има 16 пациенти кои се хоспитализирани, 14 позитивно потврдени на коронавирусот, двајца негативно, додека еден пациент е со потешка клиничка слика и истиот ќе биде пренесен во Инфективната клиника во Скопје. Во времето кога Градоначалникот Аце Коцевски ја држеше прес конференцијата сеуште не беа објавени информациите за состојбата со новозаболените граѓани на Велес во изминатите 24 часа.
Министерството за здравство нив ги објави подоцна кога во вкупната бројка од 23 нови случаи на Ковид-19 во Велес има две новозаболени лица додека останатите се од:
– Скопје 5
– Куманово 5
– Прилеп 3
– Тетово 6
Податоците за општините Велес, Чашка и Градско добиени од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека 38 лица се наоѓаат во самоизолација, 48 во домашна самоизолација со решенија на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и 14 жители на овие три општини се наоѓаат во државните карантини во другите градови, соопшти на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски како и за заклучоците од денешната, десетта по ред седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Тој додаде дека еден од четирите пунктови за контрола на возилата при влегувањето во градот е укинат, додека другите три остануваат во функција како и дека од вработените во СВР Велес еден е заразен и е во домашен карантин, а двајца кои имале близок контакт со него во полициската станица во Велес затоа што не се позитивни се во домашна самоизолација.
Градоначалникот Коцевски информираше и за состојбата на четирите вработени лица во Здравствениот дом од Велес кои се негативни на Ковид-19, а овие денови се очекуваат да пристигнат резултатите од вториот тест на докторката. ЈЗУ „Општа болница“ Велес располага со соодветни капацитети, кои ги задоволуваат сегашните потреби за хоспитализирање на потенцијалните пациенти. Но за поддршка и непречено работење на институцијата од другите одделенија се распределени други здравствени работници и помошен персонал./У.Ј