Тетовската фирма „Еколог“ донатор на 50 таблети за исто толку велешки ученици од социјално немоќни семејства
28.04.2020
Педесет ученици од Велес, кои потекнуваат од социјално ранливи семејства ќе добијат таблети за поуспешно да ја изведуваат и во исто време да ги завршуваат онлајн училишните задачи. Таблетите се донација на тетовската фирма „Еколог Интернејшнл“ поточно на сопственикот Лазим Дестани. Тој заедно со вработени во фирмата денеска лично ги предаде таблетите на Општина Велес. Заблагодарувајќи се градоначалникот Аце Коцевски ја пофали општествената одговорност на фирмата и се заблагодари велејќи:
-Знаете дека Велес е сиромашен град и има 403 ученици, најголем дел од основните училишта а помалку од средните училишта, кој не можат уредно да ја следат онлајн наставата затоа што нивните родители не можат да им обезбедат лаптоп или таблет за следење на наставата. Овие таблети ќе бидат од исклучителна важност за учениците. Се надевам дека овој прекрасен пример на компанијата „Еколог“ , нивната општествена одговорност, ќе ја следат и други компании од нашата земја, особено од нашиот град и дека со заеднички сили ќе успееме да го обезбедиме што повеќе за да го помогнеме процесот на одвивање на наставата, додаде Коцевски.
Освен во Велес, компанијата „Еколог Интернејшнл“,денеска донации ќе подели во повеќе градови во внатрешноста на државата. Таблетите имаат и сим картичка со која веднаш можат да се вклучат во онлајн наставата во државата.
Според Дестани оваа донација е наменета за учениците кои останаа надвор од образовниот процес, заради недостаток на дигитални уреди.
-Една од најважните работи што можеме да ја направиме заеднички за време на кризата на „ Ковид-19 “, е да осигураме дека иднината на оваа земја, се децата, кои ќе продолжат да ја следат наставата без пречки“, додаде Дестани.
Ова не е вкупната количина на таблети што фирмата „Екологист“ планира да ја донира. Се зависи од количината на таблети и сим картички што ќе можат да се набават, претежно од странските пазари, но подготвеноста на донаторот е тоа да биде неколку пати повеќе од почетните неколку илјади. /У.Ј