Велес, железнички крстопат, помеѓу двете светски војни
27.04.2020
Првата железничка композиција поминала низ Велес далечната 1873 година, со што е означен и почетокот на поврзувањето на градот со Европа и светот. По завршувањето на првата световна војна трагите на разорувањето на Македонија најмногу се осетиле токму на железницата. Покрај штетите на железничката линија , биле разурнати и сите железнички станици на потегот од Скопје до Гевгелија.
Поради тоа било пристапено кон реконструкција на пругата и останатата инфраструктура од 1917 па се до 1919 година. Била реконструирана пругата во должина од 170 километри и направени нови згради на железничките станици долж пругата.
Во Велес постоечката зграда на станицата е повлечена за 4 метри од пероните и во 1921 година е направена нова зграда на железничката станица ,,Велес“, под раководство на инжинер Никола Сонцев, а по нацрт на инжинер Хиба. Три години подоцна во состав на станицата е изграден и нов ресторан , за кој кажуваат дека бил најдобар во Велес, во тоа време.
Ќе се вратам две години наназат за да го соопштам и податокот дека во 1922 година била изградена и нова железничка зграда на станицата во Градско. Објектот имал подземни премини и перони, и за него се говори дека бил намалена копија на сараевската железничка станица, за кај нас да биде најмодерно здание на пругата Скопје-Гевгелија.
Инаку, во Велес во 1924 година, бил изграден и Дом на железничари. Тој објект е всушност постоечката зграда на денешен ,,Офицерски дом“. Во тоа време бил единствен објект од овој вид во Македонија, кој им пружал разонода, дружење и одржување на разни секции ( оркестар, хор итн.) , матинеа и разни свечености и игранки на железничарите.
Но да се вратам на железничките станици. По изградбата на двете веќе спомнати следен чекор било поврзување на коридорот исток запад, односно поврзување на Битола со Кочани. Овој коридор имал значење и од воено стратегиски аспект, особено поради брзиот пристап и транспорт кон источниот фронт, кон Бугарија.
Затоа, се пристапило кон изградба на линија кон Штип, па понатаму кон Кочани. Изградбата на пругата од Велес кон Штип започнала во јули 1923 година и била пуштена во месец октомври, наредната 1924 година. Тогаш првиот воз од Велес заминал за Штип.
На неа, Железниот мост на Вардар во Велес во должина од 241 метар бил најголемиот објект на делницата. Градбата на мостот започнала на 22 ноември 1923 година и завршила на 24 јуни наредната година. Првата композиција тргнала за Штип на 27 јуни истата година. Должината на ова делница била 51,5 км, а ја граделе 5000 работници и војници.Изградбата изнесувала 79.082.710,00 денари.
На 1 јули 1925 година започнала градба на делницата Штип – Кочани во должина од 35,9 км и на неа најголем објект бил мостот на Злетовска река долг 125 метри. Во изградбата учествувале 400 војници. Делницата била пуштена во употреба на 25 август 1926 година.
Првиот шинобус во Велес
И на крај збор, два за изградбата на делницата Велес-Прилеп, преку планината Бабуна, што започнала на 19 септември 1932 година. Тогаш биле изградени 18 тунели со вкупна должина од 6472 метри, а најголем бил тунелот под планината Бабуна со 2571 метари. Од вкупно изградените 11 мостови најдолг е мостот на реката Тополка. Тој е долг 45 метри. На оваа железничка пруга биле изградени 9 станици до П рилеп и вкупната цена на чинење изнесува 233.440.331,00 динари.
Се надевам дека овие податоци се интересни за читателите, особено за Железниот мост за кој секогаш постои интерес, бидејќи тој е еден од велешките симболи, поврзан и со историјата на градот од поновото време.
Љупчо Данов