Ако продолжат да се караат, да не се плашиме од вирусот туку од ВМРО и СДСМ!
27.04.2020
Корона вирусот не стави во карантин. Сите се собравме дома. Нема работа, нема кафеани,нема другари,нема улица. Дома меѓу четири ѕида сме. Платите и пензиите идат. До кога. Ќе видиме. Во карантин сме едни во станови, други во куќи. Не, не сме во затвор. Заедно сме со домаќинките и можеме,кога преку глава ќе ни дојде телевизијата, да одиме во другата, па во третата соба. Досадно е но што да се прави. Гостин ни е корона вирусот, со него нема шега. Народот вели „страв чува лозје, а не падарот“.
Се „вртам“ така од една во друга соба. Ми се чини дека од „досада“ ќе пукнев. Тогаш ми заѕвони телефонот. Се јавувам. На другата страна, нервозно, на висок глас непознат маж ми вели: „ Малку ли ни е карантинов па уште и телевизијава. До кога ќе не дават. Ајде што ни кажуваат за вирусот во ред е. Ама преку глава и магла ми паѓа на очите кога ќе ги видам и слушнам оние „сезнајковци“ и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Мицко од сите најпаметен се прави. Знаел како да го „избрка“ вирусот?. Како да ја спаси економијата?. Програми имал. Владината комисија не била способна. Немала програма. Задоцнила со акцијата. Не знаела што им требало на лекарите кои не биле способни да се „борат“ со корон вирусот па затоа бројот на заболените бил голем, а тој, како „експерт“ знаел како, а знаел и како да е спаси и економијата.
Незаборави и Заев да го обвини. Тој заврши одма се јави Јанушев. И тој експерт. Лекарите немале ракавици и затоа не можеле да се справат со вирусот затоа, како шеф, и наредува на Владата, да купи од странство ракавици. А здравствена опрема од донации имаме повеќе отколку што ни треба. Абре што „ломотат“ овие „експерти“, а збор не им даваат на лекарите да си ја работат својата работа. И додека тие завршија се јавија од СДСМ.
„ВМРО знае само да критикува, а не да помогне „злото“ да го решиме. Не чинела оваа мерка. Не чинела другата, третата, петата. Ниедна не чинела. Заев за се бил крив. Го „силат“ народот за пусти поени. Демек СДСМ не е способен, а ВМРО можел, ама за инат, не го „бркал“ корона вирусот. Преку глава ми е и од едните и од другите. За да не ги гледам го исклучив телевизорот,но, од нервоза и покрај забраната, сакав да излезам од станот на улица. Отидов во другата соба. Ме слушаш ли пријателе. Ме слушаш ли. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ми ги „искинаа“ нервите. И едните и другите полоши се и од корона вирусот и од нашата економија која е на колена“.
Кога сакав да го прекинам тој пак продолжи. „Слушај пријателе од вакви не ни ја бидува државава. Овие сакаат вирусот никогаш да не си отиде за да можат да се караат. Очите да си ги вадат.Туку белким вирусот штом ги „чепна“ и Заев и Грујо, ќе се помислат, но „злобата“ нема да ја искоренат. Ќе се докажуваат секој ден, дека едните се попаметни од другите. Ќе не „збрлават“. Никако не можат да заборават на изборите. Налет да им се. Ни избори сакам ни ќе одам. Ни избори ни нив ги сакам. Не ја гледаат маката. Глас повеќе бараат за да ги фатат фотељите. Гајле им е за народот, заразените, болните, а Господ да ги прости и починатите. Ич гајле не им е. Туку, вака ако продолжат да не се плашиме од вирусот, туку од нив.Прости пријателе. Сега кога кажав се, ми олесна. Мирот ми се врати. Прости и чувај се од корона вирусот. Но, варди се и од овие кои освен фотељи ништо друго не гледаат. Прости!“.
Кога сакав да го прекинам и да дознаам кој е ми го исклучи телефонот. Не дознав ни кој беше, ни од каде ми се јави. Сепак на глас реков: Добро е што човекот се „истуши“ и му олесна.
Стоилко Андреевски