Коцевски: „Состојбата во Велес е добра и соодветно се постапува – на 27 и 29 април,тестирања на нови 11 позитивни велешани на Ковид 19“
23.04.2020
Во понеделник на 27 април и два дена подоцна, во среда на 29 април Центарот за јавно здравје закажа тестирање на нови 11 велешани кои се позитивни, без симптоми и се во домашна самоизолација, соопшти денеска на прес конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Тој состојбата во епидемија на коронавирус во градот ја оцени како добра. Центарот за јавно здравје продолжува со вообичаената работа и постапка за земање брисови, а направени се дополнителни инспекциски контроли, како и четири дезинфицирања на маркетот „Кит Го“ , како мерки за заштита.
Пренесувајќи ги констатациите од штотуку одржаната седница на Општинскиот штаб за заштита Коцевски ја презентираше и состојбата на Инфективното одделение во Општа болница Велес, информациите од Секторот за внатрешни работи, како и на останатите јавни претпријатија и организации кои директно се вклучени во справувањето со невидливиот непријател.
-Во ЈЗУ Општа болница Велес, згрижени се 22 болни лица, од кои 20 се позитивни и 2 се негативни додека еден пациент е со потешка клиничка слика и две медицински сестри се позитивни. Добра е веста што инфектологот д-р Славица Трајкова по враќање од Дебар е со три негативни теста и таа ќе се стави на располагање на останатите вработени во инфективното одделение. Во ЈЗУ Здравствен дом двајца здравствени работници се сè уште во изолација. Од СВР Велес сме известени дека велешанки и велешани ги почитуваат законските прописи кои важат за овој период. Со помош на ЈКП „Дервен”, Територијалната противпожарна единица, вработените во ЈП „Парк – спорт” и волонтерите од ОО на Црвен крст Велес, општината добро се справува со состојбата и за сега нема потреба да бараме помош и поддршка од припадниците на Армијата. Но доколку навистина имаме потреба од асистенција, Армијата стои на располагање, рече Коцевски.
Потенцирајќи дека во услови кога 80 отсто од отворените пазари во државата се затворени за велешкиот Градски пазар градоначалникот смета дека е добро организиран што на општината и потврдува дека преземени се добри мерки за претпазливост и за организирање на работата на пазарот кој на ист начин ќе продолжи со работа и во наредниот период.
Коцевски информираше дека е завршена дезинфекцијата на скоро сите колективни станбени објекти, континуирано се врши дезинфекција на јавно-прометните површини, се чистат дивите депонии во градот, се врши дезинфицирање на населените места, а непрекинато со дотур на вода за пиење се снабдува населеното место Сопот.
Исто така, мобилните екипи на ОО на Црвен крст Велес континуирано вршат распределба на пакети со храна и дезинфекциони средства додека помеѓу двете седници на Општинскиот кризен штаб реализирале и 12 набавки на лекови и храна за стари и изнемоштени лица, во 2 случаи интервенција на лекарот волонтер, пружени се 8 асистенции за психосоцијална помош. Исто така, во соработка со „Хабитат Македонија” , на државно ниво, Црвен Крст обезбеди хуманитарни пакети наменети за социјално ранливите категории граѓани од Ромската етничка заедница.
–63 Велешанки и велешани даруваа крв за да спасат човечки животи на неодамнешната крводарителска акција и тоа е повеќе од очекуваното за што искрено им благодарам, додаде Коцевски./У.Ј