Д-р Чолакова Дервишова: „Невозможна мисија за еден матичен лекар е покрај целокупната работа уште да повикуваат 10 отсто од своите пациенти за контролни тестови на коронавирус во Дебар и Центар Жупа“
23.04.2020
Во услови на постоење на вонредна состојба Министерството за здравство на Република Северна Македонија со посебно решение ги задолжува матичните лекари во Дебар и Центар Жупа да вршат и скрининг прегледи за коронавирус за што е потребно да изработат запис со потпис на пациентите а за лекарите и со флаксимил,име и презиме на пациентот единствен матичен број, датум и час на тестирањето, евентуални контакти со заболени од „Ковид 19“ како и резултат од тестот. Издаденото решение на министерството со кое се задолжени 13 матични лекари во двете општини предизвика реакција на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Невозможна мисија за еден матичен лекар е покрај целокупната работа уште да повикуваат 10 отсто од своите пациенти за контролни тестови во Дебар и Центар Жупа, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова.
-Еден матичен лекар треба да повика некаде околу 280 пациенти, по десет минути да го работи тестот, тоа се отприлика да заокружам околу 3.000 минути или 50 работни часа. Го прашуваме министерството за здравство во кое работно време матичните лекари да работат а во кое работно време да ги работат анализите, рече д-р Лилија Чолакова Дервишова.
Бидејќи не се сложуваат со дадените дополнителни работни обврски а со цел да се сочува примарното здравство, особено на 13 матични лекари во Дебар, како и да не се дозволи ним да им се појави по еден позитивен пациент кој би ги однел во изолација а со тоа да нема кој да се грижи за 10.000 жители кои се пациенти на лекарите во Дебар, претседателката д-р Чолакова Дервишова пренесе предлози за поинакво решение.
– Има центри за јавно здравје, тие да си ја одработат својата работа. Пред влезот на Дебар има поставено шатор, да се стават лаборантите во функција како и од големиот број на администрација која би можела да ги повикува граѓаните за тестирање. Уште еднаш замолуваме, министерството за здравство да ја преиначи ваквата одлука и да дозволи градот локално да си ги среди работите. Таму Градоначалникот дава поддршка на примарните доктори, додаде д-р Чолакова Дервишова.
Министерството за здравство, спорното Решение за дополнително ангажирање на матичните лекари за изработка на скриниг тестови на коронавирус, го донело на 17 април, годинава и истото стапува на сила на денот на донесувањето./У.Ј