Илјада бесплатни сендвичи со плескавица поделени денеска во Велес
23.04.2020
Граѓани кои припаѓаат на категоријата во социјален ризик, велешани што во моментот поминуваа во центарот на градот, вработените од комунална хигиена на ЈКП „Дервен“, припадниците на СВР во Велес и пожарникари на Територијалната протипожарна единица на Општина Велес, денеска, добија сендвич со плескавица како дел од постојаната акција „Условен оброк“ на гостилница „Боем“ во чест на славата на манастирот „Свети Димитрија“ со која се заокружува славењето на велигденските празници во градот.
Лепињата со плескавица се донација на гостилницата и на велешаните од дијаспората во Швајцарија, Ердован Етовски и Трајче Папазов.
-Добивајќи рекордна бројка на донации, овојпат не од еден туку од повеќе велешани, особено ќе ја пофалам дијаспората која одлично се покажа, поделивме рекордни 1.000 оброци. Освен на социјално немоќните сограѓани обезбедивме сендвич со плескавица и за сите сограѓани кои годинава поради актуелната состојба со инфективното заболување „Ковид 19“ ќе ја пропуштат традиционалната прошетка до манастирот „Свети Димитрија“ како и славата на верскиот празник Источен петок Балаклија со попладневен заслуг, кога велешани масовно го посетуваа овој верски објект што секако завршуваше со купување на лепиње, како што ние велешани велиме „за по пат“. Сакаме да ја одржиме оваа традиција бидејќи колку е позната славата на манастирот толку е познато и лепињето со плескавица во Велес, речеТрајче Мешков, сопственик на гостилница „Боем“
Тој ги охрабри стопанствениците во Велес да се вклучат во некоја наредна акција со цел да се помогне на што поголем број на сограѓани кои имаат потреба од храна во градот. Гостилницата денеска од собрани донации бесплатно ги испече плескавиците и ги спакува во лепиња за да им ги подели приоритетно на граѓани кои имаат потреба од храна а потоа и на комуналните работници кои го чистат Велес, полицајците кои се грижат за јавниот ред и мир особено за време на полицискиот час и пожарникарите кои помагаат секаде каде има потреба од помош во услови на епидемијата на коронавирус, повика нови поединци и фирми да се вклучат во наредната акција „Условен оброк“.
Во делењето на лепињата со плескавица и денеска на гостилницата и помагаа хуманитарката Ленче Здравкин со волонтери на Општинската организација на Црвен Крст Велес./У.Ј