40 повратници од Малта, најголем дел велешани, сместени во изолација во хотел „Монтенегро“ кај Велес
27.03.2020
Вечерва, во хотелот „Монтенегро“ стигнаа првите 40 сограѓани кои владата со чартер лет прво ги донесе од Малта на скопскиот аеродром а потоа со организиран превоз ги пренесе до родниот град. Тие се дел од вкупо 55 македонски државјани што ќе бидат во изолација, во наредните 14 дена, во велешкиот хотел.
Останатите 14 се очекуваат да стигнат со нареден авион како и еден жител на Делчево.
Повратниците ги пречека екипа на ЈЗУ Општа болница Велес составена од лекар интернист, медицински техничар и директорот на болницата д-р Божидар Бојаџиев.
Прво лекарот и медицинскиот техничар им измерија температура, им земаа анамнеза и потоа спроведоа епидемиолошка анкета според која ги пополнија нивните евидентни картони.
Потоа повратниците започнаа да се сместуваат во хотелските соби.
Тие во наредните 14 дена ќе добиваат храна и се што им е потребно во овој хотел. Вработените ќе треба да постапуваат според препораките за изолација на владата на Северна Македонија./У.Ј