Кога заедништвото, емпатијата и поддршката во заедницата се покажаа на дело
Мапирајќи граѓани и семејства кои живеат во социјален ризик, патот сосема случајно ги одведе до домот на болен велешанец од хемофилија , со влошена здравствена состојба, граѓанските активисти на „Фондација Фокус“ и „Хаус од хоуп – Ленче Здравкин“. Во трошната куќа на улицата: „Крали Марко“ и на ветвиот кревет, лежеше маж на педесет и девет годишна возраст сосема немоќен сам да се подкрене до седечка состојба, сам да се нахрани, сам да се пресвлече и сам да отиде до тоалет. Негова потпора, од раце и од нозе, повеќе месеци се братот и сестрата. Сите се корисници на социјална помош.
И на прв поглед беше повеќе од очигледно дека на С.А му е потребна итна здравствена помош. Во разговорот што полека се разви помеѓу граѓанските активисти и С.А тој им покажа немоќ да издржи транспорт до клиниката во Скопје што многу подалечна од вообичаените 55 километри ја прават и неколкуте стоденарки во неговиот портофел.
-И епидемијата на коронавирусот демнее, низ воздишка констатираше болниот и изнемоштен човек.
Надеж и оптимизам во неговите очи видоа граѓанските активисти кога го прашаа дали тие во негово име можат да побараат помош од јавните здравствени институции во градот. Неколку дена по оваа средба , Општа болница и Здравствен дом, покажувајќи хуманост и општествена одговорност со кои му дадоа многу поголема надеж на С.А дека вреди да се живее.
ЈЗУ Општа болница Велес, денеска, четврток 19 март 2020 година, обезбеди услови и лекар што ќе се грижи за подобрување на здравствената состојба на болниот велешанец. ЈЗУ Здравствен дом го обезбеди транспортот од домот на С.А до болницата во Велес. Неговите соседи го ставија во носилката болниот човек и на раце го пренесоа по кривудавите сокаци до соседното маало, до кое можеше да стигне возилото на Итна помош.
Оваа случка потврдува дека заедништвото, емпатијата и поддршката се големи придобивки за заедницата. Зборот „Благодарам“ од болничкиот кревет иако изговорен од изнемоштеното грло на еден човек, додека во неговото тело тече инфузијата со лекови, е повреден и од најскапиот подарок на светот. Има луѓе што тоа умеат да го ценат и кои му посакаа, по десеттина дена да бидат сведоци на првите направени самостојни чекори.
И се ова е само еден резултат на проект „Е-база на добро спакувани податоци за граѓани од социјално ранливи групи“, регрант на „ВСС ЕФЕКТ – Банка за храна“. Овој грант е дел од неформалната мрежа за банкарство со храна ИПА-2017/394-257-БХМК, финансиски поддржан од Европската Унија.
Убавка Јаневска