Во изолација нови 4 возачи кои се вратиле дома, во Велес, од патување надвор од државата
Четири возачи на камиони кои вчера,17 март, стигнале во градот од последното патување и извршување на работните обврски од синоќа се во изолација во своите домови. Тие уредно се пријавиле на мобилниоет телефонски броеви 071/219 278 и 078/241 837 на Центарот на јавно здравје во Велес од каде ги добиле потребните информации што се треба да превземат во наредните 14 дена според препораките за справување на епидемијата со Коронавирус на министерството за здравство.
– И овие наши сограѓани се ставени под надзор, во домашна изолација. Со нив бројката надмина над 1.000 сограѓани кои се пријавија во Центарот за јавно здравје во Велес и добија препораки што се треба да сторат. Првично се бара секој што се враќа од престој надвор од државата, посебно од земјите со повисок ризик во споредба со нашата држава, да се придржува на изолација во домашни услови. Дел поминаа и тестирање. Ќе кажам дека во вкупната бројка од 1.000 граѓани има голем дел што над нив надзорот е завршен. Меѓу нив беа и 14 студенти кој се вратија дома од студии во Република Словенија.Нема потреба од паника. Потребно е само почитување на препораките и доволно е првично пријавување за да ги добијат потребните инструкции, рече епидемиологот д-р Билјана Трајкова.
Во Велес досега нема заболени од инфективното заболување, состојбата е под контрола и се спроведуваат препораките на здравствените државни институции. Најпотребно е граѓаните да сватат дека треба да седат дома, особено возрасните како најризична група, но тоа не им дава за право на помладите да излегуваат на прошетки, да се собираат во домови на пријатели и другари или во групи да се дружат низ улиците, во парковите, на брегот на Езеро Младост или во природа. /У.Ј