(ФОТО и ВИДЕО) Прочкарчињата претпладнево дојдоа пред портите на велешани и пееја „Оптири лајлам“
Насмеани, расположени за песна, со торбичките за награда и котлињата за баклава или кадаиф во раце, а голем дел од нив со маски на доктори или докторки, баба и дедо, прочкарчињата препладнево ги посетија домовите на велешани во месноста „Дворови“. Сите знаеја да ја пеат песната „Оптири лајлам“ за што заслужија баклава, кадаиф, портокал, лимон или други овошни плодови. Докторот ги собираше парите што ги добиваа како награда.
Особено интересни беа најмлади прочкарчиња, кои и покрај тоа што им беше тешко правилно да ги изговорат зборовите, помогнати од мајките и домакините пееја едногласно. Годинава најмладите беа на неполна три годишна возраст но со научена песна ги развеселија граѓаните пред чии влезни порти пееја за што беа поканети да влезат на баклава или кадаиф во домовите.
https://www.youtube.com/watch?v=NWJ8m_87QpQ&feature=youtu.be
{vembed Y=NWJ8m_87QpQ&feature=youtu.be}
Веселите дечиња го одбележаа почетокот на денот кој е посветен на семејството и традицијата што со векови се практикува и според која семејството се собира на трпезата, на заеднички ручек, додека потоа се до вечерата да се посетуваат најблиските повозрасни роднини и особено кумовите што исто така се сметаат за дел од роднините. Потоа следи заедничката вечера и чинот на земање прошка на помладите од постарите во семејството.
До полноќ, според традицијата, се седи, се разговара, се мези, се пее, се до моментот кога ќе се поклопат сказалките на часовникот кои го навестуваат проштевањето на небото и земјата.
Убавка Јаневска