ОК ВМРО ДПМНЕ со реакција на изјавата на министерот Филипче за Инфективното одделение во Велес да биде изолационен центар на коронавирус
ОК на ВМРО ДПМНЕ Велес повикувајќи се на изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, по состанокот на Управувачкиот комитет на Центарот со Управување со кризи, во која тој соопшти дека Инфективното одделение во Велес заедно со инфективните одделенија во Штип и Гостивар ќе бидат изолациски центри и карантински единици за сомнителни случаи од Корона вирус во Вардарски регион смета дека решението не е ниту најсоодветно ниту најрационално. Со него се загрозуваат здравјето на граѓаните и на медицинскиот персонал, пишува во реакцијата на партијата.
„Од друга страна, загрижува фактот дека инфективното одделение во Велес ниту технички, ниту инфраструктурно нема услови за згрижување на заболени, потенцијално болни и сомнителни болни од Корона вирусот. Критериумот според кој е направен изборот е нејасен, но јасно е дека Инфективното одделение при Општа болница Велес е со субстандардни услови за згрижување и третман на болните. Велешката болница располага само со тројца инфектолози. Нема ниту соодветна апаратура, не располага со соодветни количини на антивирусна терапија, а нема ниту хигиенски услови за достоен третман на сомнително болните и заболените.“.
ОК на ВМРО ДПМНЕ од името на велешани го повикаа министерот за здравство, Венко Филипче да ја преиспита и преиначи донесената одлука и јавно го праша:
„- Кога последен пат министерот Филипче го посетил Инфективно одделение во Велес и дали знае какви се условите и колку е оштетена инфраструктурата на одделението за инфективни болести?
– Според кој критериум Инфективното одделение во Велес е избрано да биде Центар за изолација и карантинска единица за сомнително болни?
– Знае ли министерот Филипче во какви недостоинствени услови работи медицинскиот персонал на Инфективното одделение?
– Знае ли министерот дека има само тројца инфектолози во Велес?
– Знае ли министерот какви се условите за престој на Инфективното одделение во Велес? Без топла вода, без греење, оштетена дограма…
– Знае ли министерот дека ги изложува на опасност вработените и на кој начин ќе ги заштити?
– Знае ли министерот дека инфективното одделение е во централното градско подрачје на Велес, во непосредна близина на основно училиште и дека со оваа одлука дополнително го доведува во опасност здравјето на граѓаните и на децата кои посетуваат настава во училиштето?
– И на крај зошто токму Велес? “.
Партијата констатира дека болницата во Велес не е ниту Клинички центар ниту има опрема, реагенси и антивирусна терапија за соодветен третман на заболени, сомнителни и потенцијално болни од Корона вирус додека со оглед на степенот на сериозноста на вирусот и брзината со кој се ширел, најитно е потребно да се подигне степенот на подготвеност за превенција и справување со евентуални заболени, да се делува во таа насока, но не по цена да се доведува во опасност здравјето на велешани. Во исто време на министерот Филипче му препорачува да изнајдел алтернативни мерки и вакви изолациски центри и карантински единици да биле болници кои се лоцирани надвор од населении места./У.Ј