Коцевски: “Ќе поведам судска постапка за навреда и клевета против Ангел Димов и ОК на ВМРО ДПМНЕ“
Спротивно на законите кои ја контролираат изборната кампања, градоначалникот Аце Коцевски, смета дека ОК на ВМРО ДПМНЕ предвреме ја започна кампањата во Велес и со ниското ниво на политичка култура, немање на морални и етички вредности како и желбата по секоја цена да се дојде до поени кај гласачите и поддржувачите безобзирно и безкорпулосно, со ширење на лажни вести и манипулации скоро секој ден наместо на граѓаните да им нудел подобри решенија го напаѓал.
-Бидејќи на една од тие прес конференции е помината црвената линија на толеранција, во консултација со правниот застапник на општина Велес, најавувам дека ќе поведам судска постапка за навреда и клевета. Можам да се одлучам да не поведам доколку господинот кој ја држеше прес конференцијата и ОК на ВМРО ДПМНЕ се извинат јавно. Во спротивно постапката ќе биде покрената во текот на наредната недела.
На новинарското прашање кое е лицето на кое му најавува тужба, Коцевски одговори:
– На Ангел Димов.
Градоначалникот се осврна на две квалификации искажани на прес конференциите велејќи дека тие што така без „срам и перде“ напаѓале, навредувале и омаловажувале ја оставиле општината во долгови од скоро 3 милиони евра иако кога тој заминал од функцијата градоначалник на ВМРО ДПМНЕ им оставил со сите платени фактури и со 250 илјади евра на жиро сметката на општина Велес.
-Истите тие кои ја задолжија до гуша, за што се надевам дека еден ден ќе одговараат, затоа што незаконското задолжување е спротивно на закон сега критикуваат зошто не се инвестирало, градело итн. Повикувам само да замислите како ќе изгледаше Велес доколку немавме за враќање 3 милиони евра и доколку јас исто како мојот претходник ја заглавев општината за уште 3 милиони евра и инвестирав во Велес 3 односно 6 милиони евра. Што се можеше да се направи во Велес и како сега Велес ќе изгледаше. Јас не се одлучив да одам по нивниот памет, туку одлучив да работам законски и да ги вратам долговите и горд сум што за неполни две години го вративме целиот долг, додаде Коцевски.
Според него особено симптоматични се критиките кои се однесувале на ЈКП „Дервен“ бидејќи доаѓале од тие кои го довеле претпријатието до колапс затоа што општината од 2014 до 2017 година не платила ниту една фактура со што создала долг од 1,5 милиони евра и го оставила јавното претпријатие во тотален колапс со возниот парк со дотрајани возила.
-Сега немаат образ воопшто да критикуваат бидејќи ги вративме сите долгови кон ЈКП „Дервен“ во висина од 1,5 милиони евра и да инвестираме безмалку 1 милиони евра точно 941.431 евра за подобрување на механизацијата, возниот парк и особено на што сум горд се инвестициите во Филтер станицата, во озонаторот, за да обезбедиме квалитетна, здрава и чиста вода за пиење. Исто така ме загрижуваат жестоките напади за состојбите со загадувањето на воздухот иако се знае дека е феномен кој се случува во градовите со специфична местоположба, загревањето воглавно е на огревно дрво поради не направен колективен систем за загревање а има премногу возила. Од како сум јас градоначалник, направивме напори за интегрирано да го решиме проблемот со загадувањето и затоа го донесовме Планот за одржлива урбана мобилност со решенија за намалување на ПМ 10 честичките, јаглеродниот моноксид и во целина намалување на емисиите на издувни гасови од возилата., додаде Коцевски.
Според градоначалникот значително била намалена емисијата на издувни гасови како резултат на новите сообраќајни решенија додека очекувањата за намалување на останатите видови на загадување на воздухот треба да го помогнат субвенциите за одржливо и еколошки прифатливо топлинско греење и за велосипеди. Коцевски ги коментираше и критиките за вонредната седница на Советот на општината велејќи дека не била закажана на негово барање туку тој упатил писмо во кое укажал на потребата од закажување на вонредна седница.
-За да не дојде Советот во судир со Законот, затоа што по распуштање на Парламентот Советот немаше право на носење на таков вид на одлуки поради пропустите претходно направени со вредноста на бодот само за вработените кои имаат статус на даватели на услуги, чиј број е огромен во Дервен, наспроти административните службеници за кои немаше одлука за утврдување на вредноста на бодот. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја напушти седницата на Советот заборавајќи дека првата вонредна седница на Советот за слична ваква работа е одржана на 22.12.2014 година, кога претседател на Советот бил Александар Колев, за да исправат слична ваква грешка и кога не можело да се исплати плата на вработените во СОУ „Јовче Тесличков“. Значи тогаш, кога тие биле власт, не им пречело по истите статутарни и деловнички одредби да свикаат седница а сега жестоко напаѓаат зошто е тоа направено, додаде Коцевски.
Градоначалникот потенцираше дека бил горд што во соработка со администрацијата на општината, на јавните претпријатија и установи, ги подобриле условите на квалитетен живот во општината и соопшти дека оделе по патот што гарантирал дека Велес повторно ќе се врати меѓу најуспешните во државата./У.Ј