МААК формираше Општински Комитет во Велес
Со изборот на Марјан Атанасов за претседател и конституирање на новото партиско раководство на локално ниво, партијата МААК се врати на локалната политичка сцена.
-Штом ми понудија јас без долго размислување прифатив да бидам претседател од причина што случувањата во градот, се што се прави и со еден збор ќе ги именувам како катастрофа, ме поттикнаа да дадам придонес за подобрување на работите. И воопшто мислам дека состојбата не е добра во државата, само срам по светот за Македонија, затоа одлучив да работам и придонесам колку можам. Додека се доконституираат органите и телата на партијата на локално ниво исто така размислуваме и за обезбедување на партиските простории како и штаб, додаде Атанасов.
Вчеравечер, среда 12 февруари, МААК ја одржаа и првата прес конференција во Велес на која гостин беше лидерот, Страшо Ангеловски. Обраќајќи се тој се осврна на повеќе значајни државни прашања, лоши според него водени политики од актуелната власт и соопшти дека на вонредните парламентарни избори МААК ќе коалицира со опозициската ВМРО ДПМНЕ.
-Ние сме првата формирана политичка партија во повеќе партискиот систем на Република Македонија. Ние сме задоволни затоа што за она за што бевме формирани и го зацртавме се оствари. Нашата заложба беше независна,самостојна и суверена македонска држава. Меѓутоа незадоволни сме затоа што народот не ја препозна нашата Програма во 1990 година во која се заложивме за неутрална и демитализирана Македонија која доколку беше прифатена и реализирана денеска поради влез во една воена организација не ќе бевме принудени да го менуваме името на татковината, идентитетот на македонскиот народ туку како неутрална држава ќе бевме брана на големодржавните идеи од соседството, ќе бевме држава која ќе привлекуваше капитал и ќе имаше понатамошен развој. За жал македонскиот народ не беше свесен дека тогашните прилики на Балканот ги наведоа двете големи партии, ВМРО и СДСМ, да се определат за НАТО поради можната агресија од ЈНА врз Република Македонија. Меѓутоа, сиве триесет години постоеше можност партиите да ги ревидираат своите цели и стратешки определби затоа што се покажа и ќе доаѓа време кога НАТО дефинитивно, после вториот мандат на Трамп што ќе го добие есеноска, ќе престане со своето ширење. Последната земја членка која што ќе влезе во НАТО е Република Македонија меѓутоа со извонредно висока цена која ја плаќаме сите ние а тоа се губење на името и идентитетот на македонскиот народ, рече Ангеловски.
Лидерот на МААК одговори и на повеќе други новинарски прашања./У.Ј