Општината со вонредни мерки поради надминатиот праг од 100 мг/м3 на загадување на воздухот во Велес
Граѓаните да го користат јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба и тоа повеќе лица да се возат со едно возило во исто време додека за затоплување на простории да не се корсти прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал.
Во дополнителните вонредни мерки на општината, исто така, се препорачува рано наутро и доцна навечер граѓаните да избегнуваат долготрајна изложеност на отворено, правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво наместо влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците како и одложување на сите активности на отворено.
Вонредните мерки стигнаа откако последни резултати од мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух „Велес 2“ на Државниот автоматски мониторинг систем при Министерството за животна средина и просторно планирање регистрираа високи среднодневни концентрации на PM 10 честички на територија на Општина Велес за деновите 24, 25 и 26 јануари 2020 година.
Тие изнесуваа три и пол пати повеќе од дозволената вредност или, вчера, недела 27 јануари, се измерени највисоките концентрации на загадување од 175 мг на м3.
„Доколку има надминување на прагот на алармирање во текот на два последователни денови над 175 μg/m3 ќе бидат преземени дополнителни вонредни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, за што јавноста ќе биде навреме информирана” рече на денешната прес конференцја градоначалникот Аце Коцевски./У.Ј