Автомобил излетал, попладнево, од регионалниот пат Чашка – Велес и се забил во дрво
Две возрасни лица во животно загрозувачка состојба за што се веднаш препратени на скопските клиники и две деца од кој на едното во моментов се врши оперативен зафат во хирушките сали на велешка болница се повредени во сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Чашка – Велес, во близина на раскрсницата за Горно Оризари. Таму од засега не утврдени причини автомобилот излетал од патот и се забил во дрво.
Портпаролот на Здравствен дом Велес, др Страхил Тодоров, вели дека во 16 часот и 8 минути две екипи на Итната медицинска помош интервенирале на сообраќајната несреќа.
– Повредени се три лица кои патувале во автомобилот а четвртото е дете со преживеан акутен стрес. Второто дете и двете возрасни лица се здобиле со тешки телесни повреди. По интервенцијата со возилата на Итна медицинска помош се пренесени во Ургентните хирушки амбуланти, додаде Тодоров.
По реанимацијата двете возрасни лица, мајка и син, се веднаш пренесени на скопските клиники од комплексот „Мајка Тереза“ додека двете малолетни деца се задржани во ЈЗУ Општа болница Велес соопшти портпаролот др Тодор Јаковлевски.
– Во моментов на едно од децата се врши оперативен зафат додека другото е задржано на опсервирање. Инаку станува збор за семејство од Горно Врановци, додаде Јаковлевски.
Во извлекувањето на жената и на едно од децата интервенирале пожарникарите од ТППЕ во Велес.
Полицијата врши увид на местото на сообраќајката која е причина за целосното запирање на сообраќајот на регионалниот пат Велес- Чашка.
Ова е втора сообраќајна несреќа, денеска 16 јануари, на територијата на општина Велес. Првата се случи утринава околу 8 часот на автопатот Велес – Скопје, кај местото „Пуста Кула“ во која со сериозни повреди, витално загрозувачки по животот, се здоби жена додека нејзиниот сопруг и внука со телесни повреди се задржани во велешка болница./У.Ј