Со два пати повеќе од планираните крвни единици, лани, велешките крводарители повторно први во државата
Шеесет и седум велешани од кои 17 велешанки подарија крв во првата крводарителска акција годинава организирана од Црвен Крст на Македонија, Општинската организација во Велес и Заводот за трансфузиологија на Македонија. Пет од нив за прв пат ја покажаа својата хуманост.Акцијата ја следеа волонтерите на велешки црвен крст. Тие за секој крводарител обезбедија подарок.
Одзивот што денеска го покажаа граѓаните на Велес сосема одговара на постигнатите резултати во 2019 година во која велешката општинска организација е прва на листата со собрани крвни единици во државата.
– Освен Велес, ја покриваме и територијата на општините Чашка и Градско, каде лани со организираните акции и особено покажаниот одзив на сограѓаните го освоивме првото место на ранг листата во Македонија. Со тоа што го исполнивме годишниот план со 240, 68% поточно од планирани 1.861 крвна единица ние собравме 4.479 крвни единици во текот на 2019 година, рече секретарот на Црвен Крст во Велес, Орце Николовски.
Од вкупно даруваните 4.479 крвни единици, минатата година, за прв пат крв дарувале 528 граѓани. Тоа не е бројка за занемарување како и импозантната бројката од 904 која се однесува на жени крводарителки.
Денешната крводарителска акција се одржа во зградата не велешки театар „Џинот“./У.Ј