Изградба на нова улица за граѓаните Роми, на левата страна на Велес, за поквалитетен живот во локалната заедница
По изградбата на потпорниот ѕид и цементирањето на дел од улицата во месноста Прцорек , за што 800 илјади денари од буџетот издвои општина Велес, сега на ридот што се наоѓа на периферијата на градот на левата страна ќе се гради нова улица што чини 10 милиони денари. Со пет милиони ќе учествува и министерството за транспорт и врски и уште пет милиони денари ќе издвои општина Велес чии приоритети се решенијата за воведување еднакви можности помеѓу заедниците, подобрување на квалитетот на живот и условите во кои живее ромското население.
Градоначалникот Аце Коцевски заедно со министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Музафер Бајрам денеска ги посетија деловите од градот каде живее најголем број граѓани од ромска етничка заедница. Тие ги посетија местата на кои се изведуваат инфраструктурни и градежни работи. Исто така разговараа со граѓаните, ги слушаа нивните потреби и приоритети, кои се однесуваа на пристапноста која е потребна за секојдневна набавка на храна, особено за транспорт на огревно дрво, собирањето на сметот, решавање на проблемот со невработеноста на Ромите и друго.
– Улицата „Богдан Каракостев“ е една од овие локации каде Општина Велес во изминатиот период изгради потпорен ѕид со кој се овозможија побезбедни услови за движење на граѓаните од овој дел од градот. Истовремено, изготвен е основен проект за изградба на обиколен пат кој ќе ги поврзе сите делови каде живее ромско население на левата страна на градот во вредност од десет милиони денари и чекаме одобрување на финансиските средства од министерството” рече градоначалникот Коцевски.
Министерот Бајрам го истакна како пример, на државно ниво, вработеното лице во администрацијата на општината за решавање на проблемите на граѓаните Роми.
– Континуираното подобрување на инфраструктурата и интеграцијата на Ромите во општествените текови во државата, преку вложување и инвестирање во условите и можностите за подобар и поквалитетен живот, ќе ја зајакнат ромската заедница во секој поглед, рече министерот Бајрам.
На изградениот потпорен ѕид општина Велес се очекува да постави ограда и ракохвати./У.Ј