Се менуваат азбестно цементни водоводни цевки на 9 улици и се менуваат канализациони на три улици во Велес
Улицата „8 Март“ што се наоѓа во новиот дел на Велес е само една од вкупно осумте во градот на која започна реконструкцијата на водоводната мрежа. Таму се менуваат старите азбестни цевки со нови пластични. Општна Велес средствата ги обезбеди со проект од Европската Инвестициона Банка преку Министерството за транспорт и врски.
– Денеска со градоначалникот Коцевски сме на увид на реализација на проектите што општината ги има доставено до министерството. Станува збор за проекти кои се наменети за водоводни линии, во должина од 4 км и за канализациони мрежи, во должина од 300 метри.Станува збор за проекти со вкупна вредност од над 600 илјади евра. Пред некој ден министерството со Светска банка склучи договор за заем наменет за поправки и изградби на локални патишта од кои на Општина Велес и следува сума од 1.250.000 евра, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески
Ова се исклучително важни проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните затоа што се работи на реконструкција на стари азбестно цементни линии кои често им создаваа проблеми на граѓаните.
– Имаше чести дефекти, прекини на водоснабдувањето,имаа недоволен притисок во цевководите. Со нивната замена ќе се подобри водоснабдувањето од една а друга страна ќе се деблокира постапката за ставање на завршен асфалт на самите улици. Висината на проектот е над 625 илјади евра. Како што и претходно најавив ова ќе биде убедливо најдобрата инвестициска година за Општина Велес во која очекуваме реализација на најголеми капитални инвестиции, рече градоначалникот Коцевски.
Проектот започна со реализација лани, на 19 ноември, и ќе се реализира во времетраење од 18 месеци. Со него ќе се реконструираат водоводните линии на улиците „8 Март”, „Богдан Каракостев”, „Благој Јосмов”, „Славјанска”, „Даме Груев”, „Орце Мартинов”, „Костурска”, „8 Септември” и улица „Титова Ужичка”, како и на канализационите линии на улиците „Јовче Чучук”, „Орце Шутев” и „Страшо Пинџур”.
Изведувач на градежните работите е фирмата „Делта пром инг” ДОЕЛ Велес, а надзорот над изведбата го врши Градежен Институт Македонија АД Скопје./У.Ј