Прв нетворкинг ивент „И од Велес се може – од идеја до бизнис план“
Благојче Јосифовски од Велес, Ѓорѓи Маџаров од Велес и Билјана Илиева Ванчевска од Битола ,во кафе бар „Страда“ во вторник, 17 декември, со почеток во 17 часот на велешани ќе им ги раскажат своите инспиративни успешни животни приказни. Овие млади луѓе се први мотивациони говорници во Велес. Тие имаат за цел да ги поттикнат присутните на ивентот на претприемачко размислување, да ги соопштат своите почетни бизнис идеи, да разменат мислења или искуства.
Првиот нетворкинг ивент на претприемачка програма за поддршка на бизнис идеи, во рана фаза, го организираат Фондација „Преда плус “ од Битола и „X Фактор Акцелератор“ од Велес . Тие на настанот ќе го отворат повикот за аплицирање во програмата „ И од Велес се може – од идеја до бизнис план“.
Повикот ќе трае до 31 јануари 2020 година.
Инспиративни и продуктивни луѓе, кои имаат бизнис идеја ќе можат во опуштена атмосфера и неограничено време за муабети во кафе бар „Страда“, исто така, да се вмрежуваат и да потврдат дека навистина „И од Велес се може“.
Програмата „ И од Велес се може – од идеја до бизнис план“ е директна можност за аплицирање на иновативни и креативни бизнис идеи на велешани, во повеќе области , преку бесплатни менторски и тренинг услуги за дефинирање на бизнис модели, можност за вмрежување и презентација на бизнис идеи пред потенцијални инвеститори.
За најуспешната бизнис идеја обезбеден е дректен влез во Предакцелераторската програма на „X Фактор Акцелератор“. /У.Ј