Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

AkcijaskalegitimacijaDANOVAstr

Кога сме кај старите акцијаши и нивните заложби младинското доброволно ангажирање повторно да заживее, длабоко сум изненаден со каков елан и посветеност овие луѓе настојуваат на младите да им ја пренесат својата љубов, занес и идеалите. Впрочем, мотото со кое тие настапуваат е : „Да и` помогнеме на нашата татковина!“
Оваа статија и ја посветив на една од најстарите жени- акцијаши во Велес. Се вика Нада Данова, родена Јосифова во 1934 година во Кавадарци, а е веројатно една од најстарите жени акцијаши.

Целиот свој живот го посветила на воспитувањето на младите, како учителка , се до своето пензионирање.

Во Кавадарци завршила основно и средно гимназиско образование. По матурирањето, диференцијалната матура и по две годишно школување станала учителка во село Долни Дисан, Неготинско.

Akcijaska Nada Danova fin

Нада Јосифова Данова, прва од лево, фотографирана со сестрите

- Тогаш не можеше да се бира каде ќе работиш. Мене ме испратија во село до кое пешачев 3-4 часа. Останав таму три години, а во 1956 година се омажив во Велес и започнав да работам во ОУ,,Св.Кирил и Методиј“ за потоа, по изградбата на ОУ,,Васил Главинов“ да добијам работа во одделенска настава и од овој колектив да заминам во пензија. Описменив многу генерации ученици, кои сеуште ми се јавуваат и ме поздравуваат. Тие се благодарни за љубовта и посветеноста во воспитувањето и секако, знаењето кое им го пренесов. Моја животна желба беше да бидам учителка, да работам со деца, да ги воспитувам. Секогаш ги учев да веруваат во себе и да учат. Така се формира личноста и се станува човек! Само со труд и работа , рече Данова.

Но, разговорот со неа не однесе и во уште една област за која посветената и неуморна наставничка со особено внимание проговори.

- Пред неколку години, сосема случајно, ја најдов својата акцијашка легитимација од 1951 година, од Младинската работна акција ,,Добој – Бања Лука“. Сум ја донела со своите свидетелства од гимназијата и сум заборавила на неа. Таму учествував во изградбата на железничката пруга. Тоа се случи во летото 1951 година штом завршив трета година гимназија и се пријавив да одам на акција. Бевме четири девојки, останатите беа машки. Бригадата беше составена од средношколци, млади работници и студенти. Сите заедно со воз заминавме и два дена патувавме до Босна и Херцеговина, Република на тогашната држава Југославија за која знаевме само она што сме го учеле на часовите по географија и историја. Особено по историја, дека таму се одвиваа најголемите офанзиви во Втората светска војна против партизаните и за Јосип Броз Тито. Ви зборувам за офанзивите на Козара, Неретва, Сутјеска, Дрвар. Тогаш државата беше опустошена. И требаше нашата помош, да ја изградиме повторно. А ние имавме само 17 години но и голем елан, затоа воопшто не се жалевме. Започнавме да работиме на траса, директно на изградба на железничката пруга. Но, набрзо не префрлија во кујната, каде имаше само еден кувар. Ние прифативме да му бидеме помошнички кои по цел ден сецкаа, мелеа, лупеа зеленичук за потребите од приготвување на храната за бригадирите. Ги миевме и садовите.

Amblemna akcijata Banja Luka Doboj fin

Спиевме во бараки, а се миевме и перевме на блиската рекичка. Беше тешко. За прв пат одвоени од дома и пратени толку далеку. Но, издржавме и не се жалевме. Покрај работата учествувавме и на приредби, игранки, пеевме и игравме, другарувавме.

Ќе ви раскажам една случка што ја помнам. Еден ден куварот во кујната донесе еден поголем пакет што за мене стигнат од Кавадарци. Јас бев изненадена кога прочитав дека го испраќа една моја школска другарка. Во него имаше пиперки, домати и писма. Со куварот веднаш ги приготвивме и тој до крајот на акцијата велеше дека тоа се најубавите домати што во животот ги вкусил. Не беше единствениот на акцијата со такво мислење во бригадирската смена.

AkcijaskalegitimacijDANOVAstr1

Ние, четирите другарки, по еден месец требаше да се вратиме дома. Не качија во воз, а таму неверојатна гужва. Долго време седевме во ходникот, на куферите. Но, помина и тоа! Останаа сеќавањата. Она што особено сакам да го издвојам е нашиот младешки жар и порив со кои сакавме искрено да помогнеме во обновата на државата, да вградиме дел од себе во иднината и да помогнеме во изградба на земјата која не израсна, не школуваше , ни даде живот. Во тоа време, тоа беа нашите идеали, нашето чувство на припадност и решителност. Ги советувам денешните генерации, да ги прифатат овие животни вредности, храбро и одлучно да гледаат на иднината, да не се штедат и да придонесуваат во изградбата на Македонија. И да ми веруваат дека на старост ќе имаат што да раскажуваат, исто како јас, денес, кога велам дека дел од своето slobodno време, еден месец од мојата младост, вградив во изградба на железничка пруга и во приготвување на храна за моите пријатели, акцијаши. На крај, само да споменам дека и мојот сопруг Боро беше акцијаш на првата Младинска работна акција која во 1946 година учествуваше во изградбата на пругата „Брчко- Бановиќи“.

Сосема случајно и ненамерно, акцијашите или бригадирите Нада и Боро Данови се родителите на авторот на текстот.

Љупчо Данов

Поврзани вести

E baner

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

Најново