Фудбалските клубови, со театарски и музички секции,биле најпопуларни во Велес, помеѓу 1919 и 1930 година
После Првата светска војна во Велес започнале да се формираат спортски друштва кои во себе имале повеќе секции – спортски, театарски и музички. Но, најмногубројни и најпосетени биле токму спортските, односно фудбалските клубови. Фудбалот како спорт во Велес се стекнал со голема популарност и имал голем број гледачи и навивачи, пропорционално на фудбалските клубови кои биле создавани во голем број. Покрај режимските поточно државните во Велес се формирале и граѓански, односно работнички спортски клубови.
За тоа, кога и како е донесена фудбалската топка во Велес има две приказни. Првата говори за тоа дека ја донел еден студент од Лондон додека втората раскажува спомени дека ја донеле водите на Вардар, веројатно од Скопје.
Сепак, во летото 1919 година, е формиран ФК „ Напредок“, како еден од првите четири фудбалски клубови во Македонија. Денес, фудбалскиот клуб ,,Борец“ се смета за наследник на овој клуб па затоа прославува 100 години од почетокот на играњето фудбал во Велес.
Во секој случај, ФК ,,Напредок“ бил дел од истоименото спортско друштво што имало и други секции, како музичка и театарска. Да забележиме еден интересен податок кој зборува дека во театарската група биле собрани творечки и револуционерски дејци како Кочо Рацин, Методи Ќамилов, Алексо Демниевски, Спиро Зографски, Орце Сребров, Трајко Шојлев, Славчо Гајдов, Петре Јарчев, Борис Анѓушев, Орце Ковач, Ташо Желков, Ицо Џипун, Марика Пингова, Костадинка Џипунова, Мара Боцева, Маре Јарчева и други. Оваа група изведувала театарски дела со социјална тематика. Во 1927 година Кочо Рацин напишал и бил актер во драма со наслов ,,Рудари“. Тој го искористил текстот на пиесата и во делот каде се прикажувал погреб на рудар, по свое видување, го проширил со говор на гробницата кога всушност обраќајки и се на публиката говорел за потребата од синдикално организирање на работниците за поуспешна борба за работнички права, против експлоатација на трудот и капиталистичкиот систем. Пиесата, освен во Велес, се играла и во Куманово, во Штип, во Свети Николе и во Прилеп. Драмската секција на ,, Напредок“ опстанала до 1929 година кога властите ја забраниле нејзината работа.
Паралелно со ФК ,,Напредок“, во 1920 година, во градот биле формирани ФК ,,Шумадија“ и една година подоцна ФК ,,Бабунски“. Тоа биле режимски тимови во кои претежно членувале Срби, но и Македонци. Особено не во ФК ,,Бабунски“, кого го преферирале гимназијалци од погорните класови. Тренинзите и натпреварите се одигрувале на теренот во ,,Ливадиште“, веројатно стаува збор за локацијата на која денеска се наоѓаат силосите на фабриката за масло ,,Благој Ѓорев“. Овие клубови згаснале во 1924 година.
Музичката секција на ФК„Горски“
Две години претходно, на левата страна на Вардар, во маало во близина на влашката црква било формирано Спортското друштво ,,Горски“. Друштвото го добило името затоа што било формирано во пролет, кога се било разлистено и зелено, па тимот од милост го нарекле „Горско друштво“. Него го формирале дваесетина ентузијасти додека фудбалерите тренирале и натпреварите ги играле во месноста ,,Рамина“, под ридот „Свети Илија“. Прв претседател на „Горски“ бил Борис Белев додека негов наследник од 1931 до 1941 година бил Димче Нечев. Во Управата на друштвото биле и Ѓоре Шурев, Стојан Гаврев, Јовче Патлиџанков, Кочо Чегров – Црното и други. Друштвото броело околу 200 членови.
Во музичката секција членувале Кочо Црниот , Орце Амбарков, Ѓошо Шурев, Тодор Каргов, Ванчо Настов, Петре Манев и други велешани. Оваа музичка секција имала тамбурашки оркестар што свирел на игранки, на матинеа и на други музички забави во градот.
Во составот на фудбалскиот тим настапувале: Борис Пенин, Благој Левков – Дуцето, Лазо Цинцар, Божо Амбарков, Ванчо Нацев, Владо Пармак, Димко Каргов, Ѓоре Митрев, Лазо Маџуркарот, Стојан Габров и Ѓоре Шурев. Освен со локалните градски тимови ФК ,,Горски“ одигрувал натпревари и со екипи во Скопје, Струмица и Штип. Клубот имал и младинска екипа и постоел до 1941 година.
Ало Тончов, легенда на велешката чалгија, ја раководел музичката секција на ФК„Будуќност“
Во Велес, во 1924 година, бил формиран и ФК ,,Слога“ што постигнал завидни резултати. Претседател на клубот бил Врбиќ, управникот на тогашниот ,, Монопол“ кој бил и спонзор на тимот додека во клубската управа свое место имале д-р Антиќ и Ацо Станојевиќ. Во клубот членувале Срби и Македонци. Три години по формирањето овој велешки клуб станал член на Фудбалскиот сојуз на Македонија, формиран во Скопје. Членови на клубот биле: Вељан и Киро Чачамови, Тодор Прдлов, Љубе Кузев, Благој Левков, Перо Бочвар, Трајко Црвениот, Страхил Гигов, Ѓорѓи Клинчаров – Сокол, Орце Лукар, Киро Паун, Андреја Угрин, Алија Турчето. ФК„Слога“ се расформирал во 1936 година.
Фудбалски клуб што бил формиран во 1925 година е ФК „Будуќност“ со управа во која се наоѓале: Васил Клисарот, Д-р Поп Андов, Наќе Милошев, сопственикот на тогашниот велешки хотел ,,Загреб“. Со музичката секција на ова спортско друштво раководел Ало Тончов, а членови биле и Коло Менкин, Апцето и Петре Читкуш. Клубот за фудбалери ги имал: Борис Зарзев, Лазо Мокров, Славко Санчев, Лила Стојанов, Киро Нацев, Борис Монето, Борис Трајковски – Абраш, Јован Ташев – Виткарот и Мишо Митков. Овој клуб постоел до 1939 година.
Последен за кој постојат податоци бил ФК „Балкан“, формиран во 1927 година во месноста ,,Дворови“ со управа составена од Димко Танев како претседател и членовите Васил Зафирчев, Бојчо Органџиев, Милан Јанев и Анѓелче Салџиев. Фудбалер на овој клуб биле Ордан Каникот, Димче Богданов, Пенчо Органџиев, Тодор Андов, Тодор Кирков, Киро Хаџиристов, Ангел Дончев, Андо Пљакот, Милан Ичитрајков, Трајко Листата, Ганчо Вишин, Димче Бугарчето и Боро Варошлија.
Освен овие, поголеми, во градот тогаш постоеле и други помали клубови кои се расформирале по 1929 година по донесувањето на познатата Обзнана кога се забранило секое собирање и организирање на граѓани.
Кога веќе пишуваме за овој период од спортскиот живот во Велес да додадеме дека тогаш биле формирани и неколку фискултурни друштва. Првото го добило името „Сокол“ во 1909 година и било формирано во теќето, на левата страна на Вардар, подоцна наречена месност ,,Соколаана“. Со него раководел познатиот гимнастичар Ганчо Пајтонџиев. Друштвото го финансирала државата.
Дури петнаесет години подоцна од група ентузијасти е формирано второто фискултурно друштво во градот. Тоа го добило името ,,Вардар“ и функционирало во подрумот на куќата на Страхил Гигов. Во него членувале : Страхил Гигов, Ѓорѓи Сокол, Славко Славков, Трајко Црвениот, Андреја Цветков, браќата Чолакови, Панче Сирак и Љубе Кузев. Потоа е формиран и ФК ,,Вардар“, но по неколку месеци е забранет поради тоа што неговите бои ги бранеле напредни младинци поточно Комунисти.
Поради прогонот и затварањето на политички неподобните младинци од кои стравувала власта, особено поради дејствувањето на членовите на КПЈ и напредните Македонци, кои преку спортски друштва и клубови ја ширеле самосвеста кај народот и делувале на линија против големосрпскиот режим по 1930 година замрел спортскиот и културниот живот во Велес.
Љупчо Данов