Учениците и основните училишта во Велес придонесоа за помалку пластичен отпад на градските улици
За шест месеци учениците во ООУ „Блаже Конески“ собраа 664 килограми или 394 килограми повеќе од учениците од ООУ„Васил Главинов“додека учениците на ООУ „Рајко Жинзифов“ со собрани 270 килограми пластични шишња се трети во натпреварот кој е активност на проектот „ Намалување на Пет, преку собирање и рециклирање“ во Велес на ЕД „Вила Зора“. Освен косилка за трева, за освоеното прво место, ООУ „Блаже Конески“ доби најмногу баскети, а во помали количини и двете останати училишта во градот.
Наградите беа доделени на завршниот настан од спроведувањето на проектот со кој екологистите во изминатите 12 месеци ја подигнуваа јавната свест кај учениците во основните училишта во општина Велес преку едукација, поставување на 50 жичани контејнери за собирање на пластични шишиња во училиштата, пред рестораните и на 9 најфрекфентните места на улици кои ги одобри општината, склучија договори со фирми откупувачи на пластичен отпад со обврска за количината собрана од учениците да им платат на училиштата.
– Едукација на учениците беше организирана на работилници на кои им поделивме 5000 торбички во кои собираа пластични шишиња дома и ги носеа за да го полнат училишниот жичан контејнер. Во него се фрлаа и сите пластични шишиња од испиената водичка или сокче. Голема беше поддршката и од наставниците кои го следеа примерот на своите ученици, за што особено им благодариме како и за одвоеното време на класните часови или на час во одделенска настава што одвоија време за дополнителна едукација, особено во делот на селектирањето на Пет отпадот и континуирано беа поддршка во дванаесетмесечната реалзација на проектот, рече проектниот координатор Весна Кочова.
Наставниците и директорите на велешките училишта учествуваа и на настанот кој е дел од мониторингот на проектот,што во наредните 6 месеци, ќе го спроведува надворешно лице и ќе ги мери и евалуира ефектите од реализацијата на проектот.
-Во акцијата за собирање на пластични шишиња на градските улици, што ја спроведовме мислам на 6 месеци од реализацијата на овој проект, кога излеговме со учениците ние едвај можевме да најдеме пластично шише или чаша. Проектот треба да продолжи ,рече наставничката Славица Петрова од ООУ„Блаже Конески“
Наставниците и директорите на општинските основни училишта земаа активно учество во анкетата што беше спроведена како и во подготовката на Swot анализата што исто така се составен дел на мониторингот на проектот „Намалување на ПЕТ, преку собирање и рециклирање“. Во проектот учествуваше и општината со набавка на 9 контејнери.Денеска, петок 27 септември, за учениците е организирана посета на отпад, партнер во проектот, каде ќе го видат процесот на рециклирање на пластичниот отпад што тие шест месеци вредно го собираа.
Проектот е поддржан од ГЕФ ПМГ Македонија./У.Ј