Полицијата санкционирала возење со поголема брзина од дозволената и евидентирала две каснувања од бездомни кучиња
Објавено на 10 септември, 2019 во 13:56
Вкупно 51 сообраќаен прекршок, управување на возило со поголема брзина од дозволената, евидентирал викендов Секторот за внатрешни работи Велес. Од нив 26 се случиле во Велес, шест во Кавадарци и 19 во Неготино.
– На возачите им се изречени соодветни казни, пишува во соопштението на полицијата.
Исто така за време на продолжениот празничен викенд пријавени се и две каснувања на граѓани од бездомни кучиња.
Првото се случило во петокот на 6 септември, околу 10.30 часот, кога на ул.„Димитар Влахов“ во Велес било каснато на десната рака десетгодишно дете додека ден подоцна шеесетгодишниот Б.Т.од Велес пријавил дека околу 15.30 часот на ул.„Васа Кошулчева“ бил каснат од бездомно куче на левата надколеница./У.Ј