Наместо за Питијада, буџетските средства, да се пренаменат за ревитализирање на „Езеро Младост“ и за пожарникарска опрема
Парите предвидени во буџетот на Општина Велес за организирање на културната манифестација Питијада да се пренаменат за ревитализација на брегот на „Езеро Младост“ и за купување на пожарникарска опрема. Со двата предлози градоначалникот на Велес, Аце Коцевски ја бара поддршката од Советот на општината кој денеска одржува редовна седница.
– Да не се одржи годинава Фестивалот на велешки пити и вино. Средствата што ги предвидувавме во буџетот за таа намена како и другите средства што ги предвидувавме со измените и дополнувањата на програмите одлучив да ги симнам од дневен ред на денешната седница како и средствата што ги договаравме со други поддржувачи на манифестацијата и да ги пренамениме за санирање на последиците од пожарот и пошумување на оголените површини. Второ,не помалку важно, за обезбедување на професионална, заштитна опрема за пожарникарите за да бидат поефикасни и што помалку да ги ризикуваат своите животи при гаснењето на пожарите, рече Коцевски.
Градоначалникот освен на поддршката на членовите на Советот смета и на разбирање и подршка од граѓаните. Како алтернатива сепак на 11 октомври ќе се организира поскромна манифестација бидејќи Питијадата требаше да прерасне во меѓународна со учество на гости од Франција, кои ги купиле своите авионски билети за доаѓање во Велес како и со учество на бригадири – акцијаши од просторите на поранешна Југославија.
– Ќе ги замолиме угостителите во Велес сепак на денот да одржувањето на Питијадата да го приготвуваат специјалитетот и во своите објекти да поканат чалгија за да ја негуваме и на тој начин македонската култура и традиција. На ударниот ден на пошумувањето, кој ќе гледаме да го поврземе со денот на Општина Велес 9 и 10 Ноември, да организираме Хепенинг на езеро Младост со настап на музичари кои бесплатно ќе настапат. Таму ќе пошумуваат нашите пријатели кои ќе ги поканиме од секаде и се надевам дека ќе смогнеме сили сите да ги почестиме со пита пастрмајлија, додаде Коцевски.
Поради покажан голем интерес општината во најкус можен рок ќе отвори и посебна, донаторска жиро сметка на која ќе можат сите заинтересирани граѓани, фирми, донатори да ги уплаќаат своите донации за ревитализација на езерскиот брег по пожарот на „Младост“. По групата ДНК и македонско американска асоцијација ја известила општината за донација во висина од 90 илјади денари./У.Ј