Шекеринска: АРМ се подмладува и ќе се модернизира со борбени возила
Се подмладува АРМ. Денеска решенија добија 125 и уште толку професионални војници ќе бидат примени на работа до крајот на годината. Процесот ќе трае и во наредните години, во кои од државниот буџет ќе се издвојуваат повисоки суми средства за одбраната, се додека не се постигнат проектираните 2 проценти од брутодомашниот производ, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа најави од септември ново покачување на платите за 5 проценти по ланските 10 отсто и продолжување на континуираната исплата на дневници за дополнителната работа. Во Командата за обука во Велес денеска нови 125 професионални војници добија договори за професионален ангажман.
-Поминавте темелен процес на тестирање и денеска сте тука заедно со своите колеги како класа на 125 новопримени професионални војници во армијата на нашата татковина. Тоа покажува дека војничката униформа, војничкиот живот, бдеењето над нашата земја, одржувањето на мирот и стабилноста и можноста да се помогне на сите наши сограѓани е токму професијата која вистински ја посакувате, рече министерката Шекеринска.
Новите 125 професионални војници на АРМ решенијата ги добија од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот генералот Васко Ѓурчиновски, директорот на ГШ, генералот Зоран Милевски, командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски и командантот на Командата за обука и доктрини, полковникот Љубенчо Петровски.
Одговарајќи на новинарско прашање министерката Шекеринска соопшти дека до крајот на годината македонската Армија ќе може да обезбеди нови борбени возила како резултат на договор со американската влада, од програмата на Пентагон за помош на сојузнички држави, вредна 30 милиони долари согласно новиот Закон за јавни набавки во одбраната и безбедноста според кој државава ќе може да спроведуваа модернизација на Армијата. Шекеринска додаде дека модернизацијата на армијата досега била често одлагана или неуспешна поради контраверзни, недоволно транспарентни постапки со наводи за корупција. /У.Ј