Се помалку ученци причина за спојување на уште две во едно основно училиште во Велес од кои 27 наставници и ненаставен кадар наместо во пензија ќе продолжжат да работат
Од вкупно 33 наставници и технички персонал, вработени во основните и средните училишта во Велес, кои исполнуваат услови 27 не сакаат да одат во пензија. Од нив 22 се наставнички и наставници а останатите петмина се вработени како ненаставен кадар. Тие се на возраст од 62 или од 64 години, имаат доволно работен стаж, но одлучиле да потпишат договори за продолжување на работа.
– Би сакал да ги замолам уште еднаш да размислат за својата одлука. Нивните работни места претставуваат можност за градење иднина за 27 млади семејства кои сеуште се борат да најдат работа и да обезбедат егзистенција. Затоа јавно ги замолувам во духот на својата благородна функција и професија и големиот придонес што го дадоа за едукацијата и за развојот на Велес да се откажат од нивните барања и да им дадат шанса на младите кои останаа во земјата и чекаат да ги пополнат нивните места. Во спротивно можеби тие ќе бидат причина 27 семејства да се исселат од градот, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Тој се надева дека неговиот апел позитивно ќе биде сватен од наставниците кои исполниле услови за пензионирање и веќе образувале генерации и генерации велешани.На денешната прес конференција градоначалникот соопшти дека Велес од септември, годинава ќе има четири наместо пет основни училишта.
Владата даде позитивно мислење и сега останува само уште членовите на Советот на Општина Велес, на седницата на 30 јули, да донесат одлука па потоа двете основни училишта „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ да се спојат во едно. Училиштето ќе го носи името на Панко Брашнаров. Во новиот правен субјект ќе преминат сите наставници од двете училишта. Потоа ќе биде превземена постапка за згаснување на двете сегашни училишта.
Ваквата одлука се должи на фактичката состојба со се помалиот број на првачиња и ученици во Велес./У.Ј