ОЈО Велес поведе постапка за две лица за превезување дрога на граничен премин Стар Дојран
Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. На предлог на јавен обвинител, Основен суд Велес, на осомничените им определи 30-дневен притвор.
На 22-ри овој месец лице на возраст од 32 години во товарно моторно возило со полуприколка неовластено поради продажба пренесувал наркотична дрога – марихуана во количина од 9 килограми и 855 грама. Во вршењето на кривичното дело со умисла му помогнал вториот осомничен ставајќи му на располагање средство за извршување на кривичното дело.
Двајцата осомничени по претходен договор а со цел пренесување на дрога, искористиле претходно договорено патување на првоосомничениот во Република Турција каде со товарно возило со полуприколка требало да се однесе дрвена граѓа. Ноќта пред патувањето второосомничениот ја донел дрогата во патничко моторно возило кај село Смоквица каде се сретнал со првоосомничениот кој го управувал товарното возило. Марихуаната била спакувана во 20 полиетиленски пакувања спакувани во две торби и еден куфер.
Второосомничениот кога влегол во тварното возило кое го управувал првоосомничениот ја распоредил дрогата на повеќе места во возилото. Кога осомничените во текот на ноќта, со товарното возило пристигнале на граничниот премин Стар Дојран, при излез од Република Северна Македонија била извршена контрола од овластените службени лица и дрогата била пронајдена.
Ценејќи дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетите како и можност да го повторат кривичното дело, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, кој постапува во предметот до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес, достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.
Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител и со решение на осомничените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.