Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Portana Solenoceshmice fin

Велес одамна бил познат како град на добри занаетчии. А имало многу занаети во велешката чаршија. И сите занаетчии добро работеле и се надополнувале. Но, после Балканските, особено по Првата световна војна занаетите полека започнале да замираат. Светската економска криза во триесетите години на 20-тиот век само го забрзала пропаѓањето на занаетите во Велес. За тоа пишувал и нашиот Коста Солев Рацин.

KukanaRacin fin

Овој разговор што ќе го прочитате е меѓу првите мои трудови , кога новинарски пробав да ги бележам искажувањата на велешани и да ги зачувам нивните зборови и емоции, со цел да останат сведоштва за некои идни генерации на читатели и вљубеници во велешката историја.

Veleshkaporta fin

Во белешката подолу е запишано искажувањето на еден велешки мајстор- дурмаџија (столар, тишлер) со кого неврзано проговоривме за велешките порти и нивната улога во велешката историја.

Да напоменам дека по негово барање нема да му го напишам името и презимето, иако , како што кажа - велешани ќе знаат за кого се работи.
Разговорот е воден на 12 март 1980 година.

- Јас имам 86 години. Велешанец сум. Од Велес подолго сум отсуствувал две години; војска кога служев.. Потоа, никогаш подолго од месец дена не сум отсуствувал од Велес. Името? Не ми го пишувај името, ме знаат велешани..Ќе ти кажам некои работи, оти гледам те интересираат. За Велес, за занаетите обичаите..Се гледа по муабетот дека си велешанец! Аааа, од Солено чешмиче си!? И фамилијата ти ја знам. Дедо ти и баба ти ги знаев, се сеќавам на татка ти- едино машко беше, две сестри имаше... Да, да и куќата ја паметам. Имаше дрвена порта. Убава порта беше..

- Е, па, моите од памтивека биле дурмаџии, столари што се вика. Занаетот мојот прадедо го донел од село Капеш.Тоа ти е село под Клепата. Турците го раселиле бидејќи било гнездо на ајдуци и јатаци. Дедо ми имал 5 - 6 години кога го донеле во Велес. Фамилијата се прибрала во една куќа под Којник, ја купиле. Мала , турска куќа , а тие единаесет души. Тесно. Ама, брзо се снашле и купиле уште две куќи. На местото на старата куќа, татко ми ја направи оваа. Јас ја преправив како што е сега, а понатаму децата и внуците нека му ја мислат.

- Мојот прадедо бил добар со дрвото. Бил дурмаџија, столар, тишлер, како сакаш кажи го! Уште како мал го земал ножето и делкал; кога потпораснал одел на пазар да се глави за работа и со себе носел ноже и парче дрво, па дури седел и чекал, си делкал со ножето- коњче, човече, петле... правел фигури од дрво! И ако немало работа, успевал да продаде некое фигурче и да донесе дома некоја пара! Ако требало цепел и дрва, сечел стебла по двориштата. Бил работлив и сите го викале за работа.

- Кога се замомчил станал чирак, па калфа и дуќан отворил. Правел врати, џамови, мртовечки сандаци, дури и дрвени куферчиња за одење во војска! Мислам, кажуваа и на гемиите работел! Имаше едно долго сврдло дома, во старата куќа. Баба ми кажуваше дека тој со него ги бушел стеблата на тополите, а потоа се врзувале со ортома меѓусебно. Толку знаеше таа за таа работа, за гемиите. Велеше дека прадедо ми со денови не се прибирал дома, на Вардар спиеле и во сезоната многу работеле со дрвото. Оделе со добици на Гроот, од таму носеле дрва за горење, за фурните , за ановите, по куќите.

- Бил песнарија, ораџија! Свадба, празник, оро не пропуштал. Како се викал? А , заборавив да ти кажам – Ордан го викале !

- Умрел однога, една пролетна приквечерина . Се вратил дома од чаршија, секој ден шетал по чаршија. Осумдесет години имал. Си дошол дома, седнал на каменот пред портата и си умрел така, седенката!

- Е, за камењата пред портите да ти кажам. Секоја куќа тогаш пред портата морало да има камен! Тој имал двојна улога: прво , домаќинот се поткачувал на коњот или на магарето на каменот, за да го јавне...Ако е човекот понизок, мора да се снајде! Навечер, се знаело – жените седеле на каменот пред порта и муабетеле. Им требало на нешто да приседнат кога се собирале на муабет, на маало. Обично домаќинката ја имала честа да седи на каменот пред нејзината порта, а другите си носеле столчиња, трупчиња, килимчиња. И турците ги пуштале своте жени, анамите, булите, „на порта” на муабет. Тука се разбирале новостите, се прераскажувале настани, се кажувале приказни, се пееле песни. И децата често седеле и слушале за обичаите, приказните, легендите, ги учеле народните песни, другарувале и играле. Што играле? Навечер, се знае „криенка-миженка“, крепи, ашици... Ги знаеш ти тие игри , во твое време сигурно сте ги играле!

- Ордан станал познат по портите кои ги правел со тајфата. Тој бил мајсторот, ама имал тајфа од 2-3 помошници. Правењето порти бил ценет и признат занает.

- Прво се земала мерка, а потоа на лице место се склопувале елементите. Се ставале столбовите, па горната греда, а потоа прагот. Прагот бил најважната работа, морал да биде добро направен, дури и во земјата подлабоко закопан, да не може да се поткопа! Тој е најважен за стабилноста на портата. Изгледа чудно, ама така е. Столбовите се закопувале во земјата и до половина метар,ако имало услови. Прагот бил масивен , вкопан во земјата, ако имало можност. Вратата имала две крила; најчесто едното фиксирано, а само едното се отварало. Крилата се правеле од масивно дрво – јавор, дабовина...Од нив зависела цврстината на портата! Зад вратите се ставале железни лостови, кои со алки се фиксирале за ѕид или на некој камен во земјата. Кога портата ќе се „замандали“, нема шанси да се отвори насила. Нити со туркање или влечење. Штиците се ковале со турски клинци, направени од железо кај ковач, а позади вратата врвовите им се свиткувале со токмак. Па ајде извади го после! Портите ги украсувале со метални делови, со метални розети, па со „тропалки“ во вид на лавовски или женски глави. Нив ги правеле железарите. Некои побогати велешани нарачувале вакви делови и од месинг. Портата се премачкувала со прегорено масло и зифт. Подоцна портите имале и брави со клуч и кваки. Имало клучари кои само брави за порти правеле. Тоа бил ценет занает.

- Добро направена порта била толку цврста, што и со секира не можела да се отвори! Ги нарачувале и богатите и посиромашните. Освен изгледот, се ценела и нивната заштитна улога. Во тоа време имало терор, арамии, грабање деца. Кога се стемнувало сите порти се замандалувале и сите по дома!

- Многу куќи имале мали порти , „капиџици”, за комуникација сосед со сосед. Имало потреба за тоа. А и турците своите „були” не ги пуштале на улица, ами преку капиџици си оделе на гости!

- Капиџиците им служеле и на комитите, на револуционерите, кога бегале пред потерите. Сум слушал дека и Кочо Рацин бегал пред потерите преку соседните дворишта, току преку овие „ капиџици”.

- Е, па тоа ти е за портите, камењата пред портите и капиџиците. Тоа ти е стариот Велес. Така било, така се раскажувало од старите. И уште нешто, секоја стара велешка куќа се правела така да биде свртена кон Вардар, да има „теферич” и да биде барем еден дел од денот осветлена од сонцето. Се барал простор и никој никому да не му смета. Такви биле тогаш луѓето, се почитувале.

Напоменувам дека мојот соговорник е стар велешанец, со име и презиме, но изричито ме замоли ако пишувам текст за него и нашиот разговор, да не го ставам неговото име и презиме. Јас неговата желба ја почитувам. Текстот е негово изворно кажување, без никакви измени.

Љупчо Данов,хроничар

 

Поврзани вести

E baner

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

Најново