Јавна трибина на општинскиот Совет за јавно здравје на тема: „Вакцинација – заштита или опасност!“
Центарот за јавно здравје во Велес измери за 25% помал одзив на вакцинирани деца на територијата на општина Велес во последните години споредено со состојбата во последната деценија. Овие податоци ја вброија општината во ризичната група на територијата на државата. Ваквата состојба и 40 евидентирани случаи на заболени граѓани од заразната болест морбили, во градот и во општината, го поттикнаа општинскиот Совет за јавно здравје да организира јавна трибина со родителите на невакцинираните деца.
-Сакаме да ги поттикнеме родителите да се приклучат на вакцинацијата и да не го враќаат времето назад. Целта ни е да укажеме на бенефитот од вакцинирање за да спречиме компликации и последици од вируси и инфекции на кои се изложуваат нивните деца. Сакаме да ги поттикнеме да ги носат децата на вакцинирање, според вакциналниот календар, откако се евидентирани 40 заболени од морбили, прво во градот а сега и во населените места Горно Оризари и Горно Јаболчиште. Во моментов ја чекаме серолошката потврда за нови два случаи, рече д-р Анастасија Иванова претседателка на Советот за јавно здравје на Општина Велес.
– И Општа болница Велес ќе се вклучи во надминување на состојбата доколку причина можеби е недоволната психолошка подготвеност. Ако постојат граѓани кои не можат да се одлучат на таков чекор тогаш тие ќе можат да разговараат со психолозите и психијатрите на ЈЗУ Општа болница од кои ќе можат да добијат дополнителна психолошка поддршка, да се консултираат или можеби да се советуваат, рече д-р Катица Николова специјалист невропсихијатар.
На јавната трибина што ќе се одри во вторник, на 21 мај, со почеток во 13 часот, во зградата на Општина Велес со заинтересирани родители или пак поддржувачи на антивакциналната кампања ќе разговараат специјалист инфектолог од Општа болница Велес, епидемиолог од Центарот за јавно здравје и лекар од детска превентива на Здравствен дом во Велес.
Целта е да се слушнат ставовите и размислувањата на родителите, да се отвори дискусија и да се спречат појави на епидемии од заразни болести смета д-р Ненад Коциќ, член на Советот за јавно здравје на Општина Велес.
-Сакаме да разговараме и со сограѓаните кои ја поддржуваат антивакциналната кампања за да ги слушнеме фактите зошто ја избегнуваат вакцинацијата. Фејсбук, Гугл и другите социјални мрежи не се медицина заснована на докази. Ние сме лекари и работиме на медицина заснована на докази па затоа сакаме да им ги пренесеме нашите искуства засновани на медицина и на докази. Јавно ги покануваме родителите од нашата општина но и од соседните па и пошироко да дојдат на трибината на која ќе понудиме информации зошто е потребно да се прими вакцина и ќе ги сослушаме нивните факти зошто тоа не го прават за своите деца, рече д-р Коциќ.
Во Велес, како последица на појавата на епидемија од заразното заболување „морбили“ во државата и според наредбата на Министерството за здравство, неделава се спроведува превентивната заштита на здравствените работници од ЈЗО Општа болница. Досега се вакцинирани 50 медицински работници на оваа јавна здравствена установа. Одзив се очекува и од останатите.
Од понеделник, 20 мај, ќе можат да се вакцинираат и медицинските работници кои се вработени во ЈЗУ Здравствен дом во Велес. Центарот за јавно здравје покана упатил и до вработените во детската градинка „Димче Мирчев“.
Исто така доволни количини на вакцина против морбили има и за граѓаните, родени пред 1970 година, кои ја немаат примено затоа што не се наоѓала на вакциналниот картон на децата во тоа време. /У.Ј