Велешани шест месеци немаат мерна станица за амбиентален воздух и незнаат колку е загаден воздухот што го дишат
Ниту една од поранешните четири мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот во Велес не работи. Велешани над две години незнаат колку изнесуваат вредностите на SО2 и опасните ПМ 10 честички во воздухот во градот што ги регистрираше мерната станица во комплекс УЗУС или мерната станица во дворот на детската градинка во населба Тунел. Таа не работи околу половина година. За останатите две што навремето беа во дворот на велешка болница и пред поранешен хотел Вила Зора одамна не се знае каде заврши опремата од нив. Всушност фирмата Инвестас како последен газда на поранешната Топилница за олово и цинк си ја извадила и однела опремата, затоа што гласела на име на загадувачот додека од станицата пред хотелот Вила Зора никој ништо не знае.
Пред две години Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање се правдаше со тоа што морало да набави нови мерачи во мерната станица комплекс УЗУС и дека тие биле многу скапи. Но, никој во Велес не знае кога дошле и ги извадиле мерачите од станицата во населба Тунел и каде ги однеле..
Сега, какви вредности на опасните концентрации има во велешкиот воздух не се знае и затоа податоците ги нема на електронската апликација мој воздух.
д-р Ненад Коциќ , како член на Советот на општина Велес, беше предлагач на иницијативата за донесување мерки за контрола на загадувањето на амбиенталниот воздух од страна на индустриските капацитети во општина Велес. На прашањето зошто во донесените мерки не е прецизирано пријавување и барање за казнување на загадувачите од страна на Инспекторатот за заштита на животна средина тој рече:
– Очекуваме реакција од Министерството со враќање на сертифицираните мерни станици кои редовно се калибрираат и редовно се одржуваат. Додека казнувањето и санкционирањето би можело да биде само со податоци што ќе произлезат од сертифицирани мерни станици на министерството за заштита на животна средина, рече д-р Коциќ.
Со мерките кои ги донесе Советот на Општина Велес е предвидено индустриските капацитети за кои има сомнежи дека вршат загадување да инсталираат мониторинг апарати за следење на загадувањето. Ако тие тоа не го сторат тогаш општината да постави мерни инструменти и да го следи загадувањето .
Но имајќи ја во предвид финансиската состојба на општинската каса спроведувањето на вака донесените мерки е тешко остварливо. Сепак она што останува нејасно е зошто државата поточно министерството за животна средина наспроти најавените нови 20 во Скопје го остави Велес без ниту една мерна станица и досега не превзеде ништо за градот веќе прогласен за ризично место за живеење од Светската здравствена организација./У.Ј