„Корените“ на голем број најугледни семејства на стар Велес потекнуваат од Којник
Едно од најголемите и најубави маала, во минатото на Велес, било којничкото. Којник се наоѓа на највисокиот дел на десната страна на градот. Името го добила по името Појник, место каде што христијаните го напојувале добитокот.
На Којник, одсекогаш, живеело само христијанско население. Карактеристично е што во ова маало свои куќи имале најугледните и најбогатите семејства во Велес. По иселувањето на Турците од Којник тие слегнале во долниот дел на градот. Многу од нив децата ги школувале во Виена, Софија, Солун, Белград и Загреб. По дипломирањето, дел се вратиле во родниот град а дел останале да работат на факултетите или се вработиле во научни и културни институции во Скопје, Белград, Загреб како и во други градови на тогашната СФР Југославија.
За време на турското владеење христијаните не смееле да се „шетаат“ по главната улица па затоа плоштадот Којник бил место каде што велешани се собирале и за радост и за слава и за тага. Тука се играло, се пеело и се тагувало. За Којник народниот пеач и песна испеал:
„Што ми е мило ем драго на Којник дуќан да имам. На Којник дуќан да имам на кепенците да седам и којнички моми да гледам како ми одат навода со тие стомни шарени“…
Всушност на Којник имало фурни за леб, бакалници, занаетчиски и колонилијални дуќани, берберници, чешма, поило за добитокот и пазар на кој бавчаванџиите секојдневно ги продавале своите производи.
На плоштадот Којник во убави и високи куќи живееле најимотните којничани. Со помош на 80- годишниот Димко Нешев ви ги донесуваме имињата на старите жители кои жиееле на самиот плоштад Којник.
На плоштадот во убава куќа живеело семејството на бакалот Петре Алчев а до него фурнаџијата Јаманди Алчев, потоа семејството Тодорови, до кое дом имал Панче Зрното а до неговата била куќата на Киро Милцини. Потоа во редот куќи следеле на касапот Киро Брлев, на Корупкарови,на Ганчо Чолаков, па на Дограмаџиев Конче, кој имал убава куќа со аптека на главната улица во стар Велес, а подоцна со семејството се преселил и во Скопје. До куќата на Дограмаџиеви на Којник свој дом имал земјоделецот Бoрис Јолдашев, а до него бакалот Ордан Ќускиев, потоа столарот Тоде Џипунов со сопругата Епса, мајка на Јосиф, Крсто и Нада Џипунови. Поточно тоа била семејна куќа на Џипунови во која живеел и братот на Тоде, Лазо Џипунов.
Таму куќата имал и познатиот велешки грнчар Коце Ќускиев кај кого подолг период грнчарија произведувал Кочо Солев Рацин. На плоштадот своја куќа имале и Јорданови и Струмкини – Оцката и Боце, како и Петре Петров, Тоде Јорданов – Суџукот, шумарот Лазо Нешов, столарот Цанде и Невена Томиќ.
Во тој плоштадски дел на Којник свои куќи изградиле и Кара Пано, Шоптрајанови – Јанко мутавџијата, Мечкарови и столарот Димко Делов.
Според кажувања на постари којничани на почетокот на сокакот, што од плоштадот води кон месноста Теќе, до куќата на берберот Благој, се наоѓала и родната куќа на дедото и таткото на доаенот на македонското глумиште, Петре Прличко.
На плоштадот своја куќа имале и браќата Тоде и Никола Жабеви, арабаџијата Јован Гогов, столарот Ѓоре Андов, а до него била куќата на Рајна глумицата. Погоре била куќата на Тоде Чкорков, па на браќата, млекарот Ало и земјоделецот Ѓошо Бабунци, па Дукови потоа Благодоски, Цецевци, Дангалови, Варгата, Цивкалама, Лазови и Миови.
На плоштадот фурна за леб имал Ѓорѓи Нешов, а куќата му била веднаш на почетокот на улицата која води кон Бричкова чешма каде што се наоѓале и домовите на самарџијата Димко Сааров, на семејствата Гајдови, Јолдашови, на Спиро Зографски, на овчарите Бабунци, на Петре Падарот, на Марето Шуркова, на Унецот, на Улеви и многу други.
Денес многу мал број потомци од овие семејства живеат на Којник. Порталот Дума.мк останува отворен за соработка и за информации како и за фотографии со цел да бидат забележани старите велешки семејства за да не се заборават.
Стоилко Андреевски