Четири години затвор за гевгелискиот анестезиолог Ванчев и пет годишна забрана за работа
Гевгелискиот лекар Томчо Ванчев е прогласен за виновен и е осуден со четири годишна затворска казна како и со пет годишна забрана за вршење на професијата лекар, специјалист анестезиолог. Лекарот на ЈЗО Општа болница Гевгелија беше обвинет за нестручно спроведување на анестезија, што довело до смрт на родилката Маја Кадиева и на незиното бебе а притоа, бил и под дејство на алкохол. Осудениот лекар прво ќе треба да ја издржи затворската казна па потоа да стапи и забраната за извршување на неговата професионалната работа.
Ваква пресуда денеска донесе Судечкиот совет на Основен суд Велес кој, исто така, ги ослободи од обвинението двајцата гинеколози, Венци Чалков и Дончо Москов, кои присуствувале на породувањето на Кадиева. Против нив Обвинителството покрена обвиненија за тоа што не ја спречиле операцијата, кога виделе дека нема услови за изведување на царскиот рез.
Осудениот лекар Ванчев и Основното јавно обвинителство во Велес имаат право на жалба во рок од 15 дена пред Апелацискиот суд во Скопје.
Со денешната пресуда на Судечкиот совет на Основниот суд во Велес заврши две годишниот судски процес во кој се утврдуваше одговорност за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе кои починаа на породување, на 22 октомври 2015 година. Започнувањето на судскиот процес не го дочека четвртиот лекар на ЈЗО Општа болница Гевгелија, анестезиологот Зоран Јовановски поради смрт. /У.Ј