Каменоломот во варницата во Превалец 3,5 месеци работел без А интегрирана дозвола
Од 4 јуни, годинава каменоломот во фабриката за вар во населбата Превалец работи без дозвола. Како резултат на реакциите на граѓаните, особено тие што живеат во населбите Тунел и Керамидна, општината поднела преставка до Државната комисијата за одлучување во управна постапка во втор степен а Министерството за заштита на животната средина ја одзело еколошката дозвола на каменоломот „Технопавер“ од Скопје, за фабриката во Превалец. Затоа што работи без дозвола и ако продолжи да ја загадува животната средина од која директни последици трпат граѓаните од општината соопштија дека ќе се организираат со граѓаните и ќе превземат акции за спречување на понатамошната работа на загадувачот.
-На денот на последниот инспекциски увид од страна на општинскиот инспектор по заштита на животна средина се покажа дека каменоломот во варницата не работеше. Сепарацијата запрела со работа пред неколку дена поради ремонт. Ние будно ќе ја следиме состојбата и ќе ја информираме јавноста за сите понатамошни мерки. Очекуваме во постапката за добивање на А интегрирана дозвола, согласно законот, да биде вклучена и Општина Велес а не да биде заобиколена како претходно. За ова е информиран заменик министерот за заштита на животната средина и Премиерот Зоран Заев, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
По неговата изјава сериозно се отвора прашањето како може без дозвола да работи ваков производствен капацитет кој дроби камен во простор што претходно беше наменет за производство на вар. На прашината што излегува надвор од фабричкиот круг со години се жалат граѓаните во двете околни населби. Тие ја дишат прашината што излегува од каменоломот и ја има во нивните домови, на мебелот, облеката, во градините и на улиците. Во изјави дадени за медиумите жители во населбата Превалец јавно проговорија и за штети по нивните домови од камењата што завршиле на покривите. Спортско риболовното друштво „Бабуна“ во повеќе наврати на помор на риба прстот го вперуваше и за причинител на белата вода во реката Бабуна го посочуваше токму овој производствен капацитет. /У.Ј