Коцевски: Фискалната децентрализација да стане приоритет на Владата
Со процесот на децентрализација во Македонија, во изминатите 13 години, општините добија многу повеќе надлежности и финансиски средства. Но, тоа не е доволно бидејќи клучен предизвик за централната власт е финансиската децентрализација која од експертите е отценета како запоставена или заборавена во изминатата деценија. И покрај жестоките оценки од ЕУ, во изминатиот период во делот на напредокот на Македонија, фискалната децентрализација не е приоритет ни на актуелната Власт, рече на Форумот во Велес Градоначалникот Аце Коцевски. Отценувајќи дека досега Македонија немала среќа со изборот на министрите за локална самоуправа Коцевски смета дека затоа бил мал придонесот на овој ресор во севкупните реформи на државата.
– Учеството на општинската јавна потрошувачка во БДП и во вкупната потрошувачка е на многу ниско ниво и многу пониско од државите во опкружувањето а да не зборувам со државите членки на ЕУ. Вкупните приходи по глава на жител во споредба со другите држави исто така се многу мали. Македонија направи многу грешки уште на стартот на децентрализацијата кога се премина на институционална наместо на функционална децентрализација. Парите кои ги добиваат општините ни од далеку не ги задоволуваат потребите. Околу дваесет општини континуирано имаат блокирани жиро сметки Најдрастичен е примерот со Куманово и со Охрид, кои се големи општини и имаат континуирано блокирани жиро сметки. При трансферот на надлежностите не се водеше доволно грижа општините да добијат доволно финансиски средства за да можат да ги извршуваат надлежностите така има работи кои континуирано ни создаваат проблеми како што се основните и средните училишта. Само во општина Велес училиштата имаат долгови од над 500 илјади евра за превоз на учениците. Владата треба да биде потранспарентна и да утврди од каде произлегуваат овие проблеми и да ги надомести средствата, рече Коцевски.
Градоначалникот предложи продолжување на реформите во три столба или поконкретно со првиот столб општините да добијат нов пакет на децентрализирани надлежности во кои треба да бидат центрите за јавно здравје, итната медицинска помош, центрите за социјални работи, дел од управните служби на МВР како што е матичната служба. Вториот столб треба да се однесува на финансиските реформи со кои општините ќе добијат многу повеќе пари од сега. Третиот столб да се однесува на организационата поставеност на локалната самоуправа и ако државата нема храброст да оди кон двостепена локална самоуправа со утврдување на региони тогаш да ги преиспита надлежностите на општините, нивните капацитети, број на жители итн и да ги промени надлежностите од задолжителни и факултативни за малите општини кои не се моќни да извршуваат голем дел од нив./У.Ј