Граѓани се борат за дневна светлина во центарот на Велес
Дрвјата од дрворедот на централната градска улица „8 Септември“ во Велес им ги затворија прозорите и терасите на граѓаните кои живеат во дел од зградите. Расширените крошни и разлистаните гранки се повисоки од првите катови на свиларската зграда. Делумно се зафатени и вторите катови. Во домовите на овие граѓани нема дневна светлина. Тие и дење живеат со вклучено светло.
– Без вклучен светилки во собите и дење е темно. Ние со години живееме без природно светло. И тоа воопшто не е едноставно, не е лесно. Кога гранките ни влегуваат во терасите или во прозорците сами ги поткаструваме за да можеме да се движиме или да отвориме прозорци. Толку можеме. И кој знае колку пати до сега сме барале од вработените во ЈКП Дервен да ги кројат секоја а не еднаш на четири години . На барањата ниту еднаш не ни е удоволено, рече станарка во свиларската зграда.
– Ние не бараме целосно да ги кројат дрвата. Знаеме што значи во лето сенката за пешаците по тротоарите. Затоа бараме од страната на зградите да се кастрат секоја година додека од другата страна на четири години по еднаш. Сенката делумно и нам ни оди во прилог ама не сосема, да нема природна светлина во нашите домови, рече станар во свиларската зграда.
Со ист проблем се соочуваат и станарите во зградите од спротивната страна на Основен суд во Велес. Пред еден дел од нив гранките од дрворедите се удираат во фасадите на зградите, во прозорците и се навлезени во терасите. Тоа се згради пред кои тротоарите се тесни и на мало растојание се засадени дрворедите поточно на самиот ивичник.
Граѓаните велат дека уште еднаш, сега и писмено, ќе бараат од градските комуналци да пристапат кон обезбедување на природна светлина во нивните домови. Ќе го бараат тоа право бидејки им следува.
Став од ЈКП „Дервен“ ќе побараме во текот на утрешниот ден. /У.Ј