Професор Јовановски: Секундарно минирање на одронетиот материјал и со прскав бетон како и анкерисување на целата зоната за комплетна заштита
Со привремени мерки прво треба да се раздробат големите откинати парчиња од карпата Цуцка, свлечени на регионалниот пат Велес – Градско и да се изнесат од коловозот на патот за привремено да се стави во функција сообраќајот . Потоа ќе следи реализацијата на подолгорочни и потрајни мерки. Ова им го соопштил, рано утринава, на увидот на лице место професорот Милорад Јовановски од Катедрата за Геотехника на Градежниот факултет во Скопје на службите на Општина Велес, на ЈП „Македонија пат“ на Центарот за управување со кризи и на ЈП за државни патишта.
– Големите откинати карпести парчиња кои сега се наоѓаат на коловозот на патот ќе се раздробат со секундарно минирање. Штом се уситнат нив ќе ги изнесе Македонија пат. Тоа ќе трае неколку дена. Покрај овие инструкции, исто така, во записник ќе ги ставиме мерките за санација за кои ќе треба да се подготви проект за во иднина да се обезбедат повеќе пари за да постигнеме поголема заштита на целата таа зона на карпата Цуцка, рече проф Јовановски.
Според експертот додека се работи ќе се забрани движење на пешаци и велосипедисти. ЈП „Македонија пат“ откако ќе расчисти исто така ќе треба да го поправи коловозот на патот и да стави еластична ограда бидејќи од одронот е уништен ѕидот што го делеше патот од железничката пруга Скопје -Гевгелија.
– Потребно е да се превземат и трајни мерки како што впрочем се применуваат и кај нас и во светот. Станува збор за прскав бетон и анкерисување по што зоната целосно ќе се заштити. Но за тоа треба повеќе пари и секако проект без кој не е можно да се реализира она што е потребно, рече проф. Јовановски.
Секундарното минирање потребно е да го направи високоспецијализирана фирма која треба да ја обезбеди ЈП за државни паришта препорача професорот Јовановски
– Штом се обезбеди фирмата за седум до осум дена критичното подрачје ќе се расчисти со што ќе се обезбедат услови за привремено одвивање на сообраќајот. Невозможно е за ден два и особено важно да не се случи некој друг проблем, рече Јовановски.
Според него карпестиот предел околу Велес е познат како комплициран геолошки терен со чести измени во карпите кои чести испукувања кои предизвикуваат одрони. Ова се однесува и на карпестите предели покрај автопатот Скопје – Велес. На овие нестабилни зони никој пред време не може да предвиди кога и што ќе се случи. Стручните екипи на ЈП за државни патишта треба да продолжат со постојано следење на состојбите, препорача проф Јовановски. /У.Ј