(ВИДЕО И ФОТО) Бегалецот Алиреза во кафетерија „Сити“ ги испеја „Слушам кај шумат шумите“ и “Ја излези Ѓурѓо“ пред велешани
Дваесетгодишниот Алиреза е бегалец од Пакистан, сместен во Центарот во Визбегово, кој за три месеци го научил македонскиот јазик. Тој е музички талентиран. На синоќешниот настан „На кафе со бегалците“ организиран за велешани во кафетеријата „Сити“ тој отпеа две македонски патриотски песни „Слушaм кај шумат шумите, буките“ и „Ја излези Ѓурѓо“. Присутните не останаа рамнодушни. Го наградија со долг и громогласен аплауз. Некој извикуваа и „Браво“.
{vembed Y=FJjRhu5AJJA}
{vembed Y=i7bfYDEl9jU}
Одговарјќи на новинарско прашање колку години има и како е задоволен од престојот во Македонија, Алиреза откри дека токму вчерашниот ден, 15 ноември е негов роден ден. Тој податок ја доведе атмосферата до кулминација а македонската хуманитарка Ленче Здравкин му подари торта додека сите присутни граѓани ја испеаја роденденската песна. Тоа ги предизвика солзите радосници во очите на славеникот кој доби парични прилози од сопствениците на кафетеријата „Сити“ и останатите присутни за да си купи роденденски подарок.
Освен Алиреза, на настанот организиран за размена на мислења и подигнување на свеста на велешани за мигрантите и бегалците во Македонија, присуствуваа уште двајца негови пријатели исто така бегалци од Центарот во Визбегово. Нив преведувач им помагаше да ја следат дискусијата на велешани откако беше емитувано емотивно видео во кое неколку баратели на Азил во Македонија ги споделуваат нивните искуства.
Присутните граѓани велеа дека не ги гледаат бегалците како терористи туку како луѓе чии траорни судбини, бегства од војни, убиени членови на семејства, закани од ИСИС ги натерале да заминат од родните земји Сирија, Пакистан и Авганистан. Некои од присутните велешани раскажуваа дека овие бегалци биле причина да се потсетат на прочитаната литература посветена на децата бегалци од Егејска Македонија или за блиските средби со бегалците и барањето на решенија кога тие од Грција се обидувале да влезат во Македонија. Други за следењето на нивниот престој во камповите во Гевгелија и Табановци. Трети за хуманитарната помош во храна, облека, обувки, чај и кафе што граѓаните на Македонија ја собираа а граѓански организации ја делеа за возрасните или за млекото, памперсот и бебешките препарати за хигиена на железничките станици во Гевгелија и Табановци. Четврти го искажаа своето незадоволство што ситни профитери им наплатуваа храна, цигари или велосипеди по наколку пати повисоки цени. Петти за донациите што се носеа во „Куќата на надежта“ како што впрочем се нарекува домот на хуманитарката Ленче Здравкин во Велес. Додека сите заедно пиеја кафе се споделија и ставови за црната кампања, во последните месеци водена во државава, со која преку иницирани референдуми за изјаснување на граѓаните за изградба на станови за бегалците се направи обид да се внесе страв. Тема на дискусија беше и пишувањето на германски медиуми за силувана Германка од мигрант.
Македонија е мирољубива и хумана земја, беше впечатокот на Алиреза и неговите пријатели бегалци.
Целта на настанот, да се подигне свесноста за искуствата со кои се соочуваат овие лица за време на нивното патување меѓукои и потенцијалната опасност да станат жртви на трговија со луѓе, како и да се намали жигосувањето на оваа група на граѓани, на настанот во Велес е постигната, рече Нита Чаволлис од Македонското здружение на млади правници.
– Во начело овој проект се реализира за да им се обезбеди во правна смисла заштита на бегалците. Значи ефектуирање на нивните права, доближување на законодавството итн. Но во друга компонента на проектот да ги соочиме бегалец и граѓанин на Македонија и да видиме што ќе се случи во смисла на доближувањето за да видат дека предрасудите се имагинарни. Овој настан во Велес ми даде можност да почувствувам атмосфера дека резултатот е веќе постигнат барем за оваа група на луѓе кои вечерва се сретнаа со бегалците со надеж дека во секојдневни разговори со своите најблиски, роднини и пријатели, ќе се сподели а тоа после ќе се расшири, пече Мита Чаволис проектен офицер за комуникации и кампањи во проектот за правата на бегалците.
Синоќешниот настан „На кафе со бегалците“ во Велес , кој е дел од проектот на УСАИД за заштитата на правата на мигрантите и бегалците, спроведен од Македонското здружение на млади правници во соработка со Здружението на граѓани за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“, сепак заврши во домот на Ленче Здравкин каде тројцата бегалци добија пакети со облека, обувки и храна./У.Ј