Онче Бунов, првиот пушкар во стар Велес
Онче Бунов бил прв и најдобар мајстор за изработка и поправка на пушки и пиштоли во Велес. И турските мајстори капа му симнувале и сакале да научат нешто од мајсторлакот на мајсторот над мајсторите. Онче е роден во 1890 година во земјоделско имотно семејство. Татко му и мајкаму живееле од земја. Биле прочуени производители на грозје, на ракија и на вино.Имал и брат Круме кој во виорот на Првата светска војна се преселил во Софија, Бугарија. Онче најнапред учел во турско, потоа во бугарско и во училиште во кое се учело на мајчин македонски јазик, со велешки дијалект. Бил добар ученик, но татко му го дал на занает да учи кај познат турски мајстор за пушкар. Уште од првиот ден Онче го засакал и по две години чиракување веќе ги научил сите тајни на занаетот по што почнал сам да поправа пушки. Тој не само што поправал туку почнал и да прави пушки и пиштоли. Тогаш мајсторот му рекол:
„Аферим бре Онче. Ти стана поголем мајстор од мене. Сега можеш и дуќан да отвориш. Од мене имаш изим. Нека тие со среќа“.
Куќата на семејството Бунови во Велес
Така Онче во својата осумнаесета година, во времето на Уриетот, во долниот дел на татковата куќа, една од најголемите и најубавите што била изградена во 1889 година, отвара дуќан и започнува да работи. Куќата на Бунови во тоа време била меѓу најубавите во Велес, на левата страна. Брзо се прочул како голем мајстор. Поправал пушки и пиштоли не само велешки ловџии туку и од поблиските градови како Штип, Кавадарци, Свети Николе и од Скопје. Мајстор Онче имал полни раце работа. Сам не можел да престаса па затоа земал чираци кои подоцна станале калфи а биле од фамилијата Мајсторови. Сите потоа станале врвни мајстори.
Бурните години од Балканската војна, а подоцна и првата светска војна Онче ги поминал мирно и работно. Во тие години не само ловџиски туку поправал и пушки и пиштоли. Работејќи така дошол на идеја сам да почне да прави пушки и пиштоли. Го усовршил занаетот, а изработката на пушките му донеле многу пари. Но, не сопрел тука. Онче сам изработил и бомба за време на владеењето на СХС која и денес се наоѓа во музејот во Белград.
Онче и Руса Бунови
Тој во 1920 година се жени за Руса од селото Чолошево. Тие живее среќно и богато. Со Руса во 1921 година им се родил синот Борис. По две години на свет доаѓа вториот син Димче, а по три години, во 1926 година третиот син Илија. Ќерката Пандорка се родила една година подоцна во 1927 година. Куќата на Онче се исполнила со радост. Синовите и ќерката , по барање на Онче, оделе во училиште, тогаш српско.
Кога наполниле десет години Илија и Борис, по часовите, доаѓале во дуќанот и му помагале на својот татко па така и тие го научиле занаетот. Димче не пројавил љубов, а Пандорка била добар ученик. За време на стара Југославија мајстор Онче немал проблеми иако неговите три сина биле активни во напредното движење за сопствена македонска држава. Онче знаел каде одат неговите синови но, умешно сето тоа го криел од српските џандари. Згора на тоа секојдневно во дуќанот му доаѓале и џандари и војници и офицери на кои им ги поправал пушките и пиштолите, но ниту во еден момент не дознале дека неговите синови се против српската окупација.
„Дедо ми знаел се .Потајно ги поддржувал своите синови и им велел дека само преку организирани акции можат да им кажат на Србите дека овој дел не е Вардарска Бановина туку дека е Македонија и дека тука не живеат Срби туку Македонци. Мајка ми ми кажуваше како баба Руса секоја вечер со нетрпение ги чекала своите синови да се вратат дома“, рече Тоше Ристов , внук на Онче Бунов.
Синот Борис Бунов
Бугарската окупација Онче Бунов ја дочекал со огорчување. Радосен бил што Србите си заминале но тажен што едните поробувачи ги замениле други. Тоа чувство го делеле и неговите синови и ќерката. На повик на партијата тројцата синови Димче, Борис и Илија активно се вклучиле и учествувале во бројни акции против бугарскиот окупатор. Кога се формира велешкиот партизански одред и кога бројот на борците од ден на ден бил се поголем тогаш тројцата синови на мајстор Онче заминале во партизани. Ќерката Пандорка била вклучена во Скоевската организација.
Синот Илија Бунов
Бугарските власти не мирувале. Често го посетувале мајстор Онче, го малтретиреле и постојано го прашувале каде му се синовите. Онче им велел дека синовите учат во Хрватска и Бугарија, кај чичко им Круме. Бугарската полиција многу не му верувала и покрај што провериле дека навистина Онче има брат во Софија. Често го викале во Участакот но, ниту во еден момент не дознале каде се неговите синови.
Синот Димче Бунов
„Мајка ми кажуваше дека баба ми постојано плачела, а дедо ми пак ја тешел и и викал дека синовите се добри и дека тие ќе ја донесат слободата. Ниту во еден момент не помислил на најлошото. Така и било. Слободата дошла. Бугарија капитулирала. Дедо бил најсреќен човек. Со радост излегол да ги пречека ослободителите на Велес. Кога Германците го напуштиле градот во куќата, која дотогаш била празна и тажна, дошле трите сина и донеле радост“, рече внукот Тоше.
Ќерката Пандорка Бунова
Радоста кратко траела. Од туберколоза што ја добил додека бил партизан, во 1945 година во болница во Љубљана, починал синот Борис. Тагата во куќата на Ончеви продолжила. Во 1852 година починал и синот Илија. Во срцето на Онче и Руса болката била голема. Мајстор Онче наместо во дуќанот се повеќе седел сам дома. Се повлекол и многу малку време поминувал работејќи. Секојдневно ,кога бил сам во дуќанот, работел на изработка на пиштол, кој бил лично за него.
„ Дедо 1949 година и покрај тагата, и направил голема и весела свадба на својата ќерка Пандорка која што се омажила за Мирко Ристов со кого има три сина Панче, Тоше и Илија . Но, срцето на дедо како што раскажуваше мајка ми Пандорка, неможело повеќе да издржи. Од голема жал за двата сина во 1961 година влегол во дуќанот и со пиштолот, што сам го изработил, си го одзел животот. Починал човекот кој бил прв и најдобар мајстор за поправка на пушки и пиштоли во Велес“, рече внукот Тоше.
Така завршил животниот пат на мајстор Онче. Велешани го паметат како прв пушкар, добар мајстор, човек со големо но, поради загубата на синовите, многу нежно и тажно срце.
Стоилко Андреевски