Кој ги „шмиргла“ неопределените !?
Да токму така. Кој ги „шмиргла“ неопределените гласачи кои својот глас го даваа за една или друга партија. Тие се мртва буква на хартија. Да така е. Додека сега членовите на СДСМ, како победници се „тркаат“ на кое поубаво и поплатено место да седнат во удобна фотелја, оние, од редовите на ВМРО ДПМНЕ стравуваат што ќе биде со нив. Едноставно речено партиите „се грижат“ за своето членство, но кога ќе почнат и за неопределените? И едните и другите ветуваа дека на одговорните места ќе стават лица не по партиска линија туку по квалитет!? За жал тоа досега не се случило. Така беше на првите парламентарни, па на првите локални избори така е и сега.
Партиски определените тоа што „трчале“ за партијата ги прави заслужни за вработување и нееднакви со останатите граѓани кои го дале гласот за победата иако се невработени, образовани или специјализирани за работните места што се или треба да се пополнат.
Локалните избори се пред нас.
Граѓаните повторно ќе избираат „татковци“ и Совети на општините. Политичките партии се надеваат на победа. И чинам повторно забораваат дека без гласот на неопределените не ќе можат да бидат славеници!
Ќе ги потсетам дека статистичките податоци говорат за висок процент на неопределени граѓани од вкупното избирачко тело. Искуството досега покажува дека тие гласот не го даваат затоа што партиите во кампањите не ги разубедиле оти имаат најдобри програми или гласаат во последен момент според лично убедување и избор на кандидирано лице и програма. И за својот глас не бараат да добијат фотелји. Но, тие се почесто велат дека лично се иритирани од односот на партиите затоа што не им го ценат гласот. Од нив може да се слушне колку е тажна приказната што всушност е јавна тајна за галантниот однос на партии кон одредени избирачи од кои гласови купуваат за вреќа брашно, масло за јадење а богами и за кеш.
За онаа другата, во која гласот се изнудуваше со присила барем засега нема аргументирани докази.
Постојат и избирачи чиј глас се плаќа со уцена од видот глас за асфалтиран пат до селото или улица во градот, за изграден водовод, училиште, црква, џамија и друго. Во велешко се запомнати примерите со изградбите на џамија во Бузалково, асфалтирање на патот до селото Црквино, училиштето во селото Сливник, водоводот во Оризари, улиците во населбите „Керамидна“ , „Тунел“, „Дурутовец“, „Рамина“. Граѓаните велеа: „ Нашиот глас вреди и затоа сакаме да ни се плати“. Дали и на претстојните избори ќе биде така!?
И да не ги заборавиме гласовите што партиите си ги купуваат од членовите на семејствата на партиските активисти кои се надеваат дека нивниот роднина така ќе напредува или партиско вработување само со врбување на 10, 20 или 50 сигурни гласови за кое последниве години медиумите истражуваа, откриваа и објавуваа приказни.
Сега е време партиите да покажат дека ги научиле лекциите.
Секако ако направиле анализа и дошле до точните податоци за бројот на неопределеното гласачко тело.
Време е да си го постават прашањето: Зошто бројот на гласачите, од избори до избори, се намалува и тоа токму од редовите на неопределените!?
А ветувањата? Тие се за посебна приказна. Досега претендентите за освојување на власт ветуваа кули и градови, ветуваа дека ќе изградат фабрики, ќе вработат граѓани, ќе создадат подобри услови за живот, раст и развој. И брзо забораваа на ветувањата додека граѓаните избирачи и понатаму се гушат во сиромаштија.
Простете но, токму така е, кој ги „шмиргла“ неопределените избирачи!
За победниците е најважно што победиле и што ќе седнат во фотелјите на поразените !?. Господо политичари, вие кои од граѓаните ја добивте власта не повторувајте ги грешките на противникот зашто во редовите на неопределените гласачи има многу квалитетни кадри поточно професори, доктори на науки, лекари, високо квалификувани мајстори и што е најважно чесни луѓе кои ја сакаат Македонија. И уште нешто. По секоја цена не ги менувајте оние кои чесно си ја работеле работата иако се од другата партија и не заборавајте на неопределените. Бидете големи не за поразените, туку за вас и за доброто на оваа држава! Останатите извлечете поука !
Стоилко Андреевски