СДСМ реагира на барањето на Колев: „ Ако ВМРО ДПМНЕ си изгласа одржување референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да излезат и да гласаат против станови за бегалци“
На прес конференцијата на Колев реагираа од Општинската организадија на СДСМ во Велес. Во нивната писмена реакција со наслов „Измислена тема за бегалците, лансирана од ВМРО ДПМНЕ“ пишува дека ВМРО ДПМНЕ лажат а тоа веќе им било јасно и на граѓаните откако градоначалникот Славчо Чадиев даде изјава во која соопшти дека „ниту една државна институција до сега нема побарано дозвола за градба, освен за детски градинки“.
„ Да ги погледнеме фактите. До сега низ се поминати низ Македонија преку 1 милион бегалци , од нив во Македонија на привремен престој има само 15 луѓе. Бегалците не остануваат и не сакаат да остануваат во Македонија. Референдумите по ова прашање се беспредметни. ВМРО ДПМНЕ да се вразуми и веднаш да престане да ги плаши граѓаните. Локалните референдуми се неприкосновено право на граѓаните за директно изјаснување, но тие треба да постојат за клучни прашања од нивни интерес, а не за измислиците и лагите на Груевски,“ пишува во реакцијата на СДСМ.
Од таму апелираат дека Референдумите не смеат да го компромитираат изборниот процес, не смеат да ги збунуваат граѓаните и не смеат да го попречат правото на слободно изразување на политичката волја на граѓаните на претстојните локални избори.
„ВМРО ДПМНЕ мора да се откажат од мешање на референдуми на ова апсурдно прашање со претстојните локални избори. Институциите треба да гарантираат слободно изразување на политичката волја на граѓаните на локалните избори“, напишаа од СДСМ
Тие додаваат дека ако ВМРО ДПМНЕ си изгласа одржување референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да излезат и да гласаат против станови за бегалци, зашто такво нешто ниту се планира, ниту ќе се случи./У.Ј