Колев бара и Советот на општина Велес да расправа за референдум за бегалските станови и кампови
Претседателот на Советот на општина Велес, Александар Колев побарал на 74 -та седницата што членовите на Советот ќе ја одржат во понеделник на 11 септември да стават точка и да расправаат по неговиот предлог за распишување на референдум за населување и интеграција на мигранти на територија на Општина Велес. Сега тој од членовите на Советот очекува да им овозможат на велешани на референдумот да се изјаснат на прашањето : ,,Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територијата на Општина Велес,,? Граѓаните ќе можат да се изјаснат со заокружување на зборот ,,за,, и зборот ,,против,. Референдумот се предвидува да биде одржан на 15 октомври годинава кога е закажано одржувањето на локални избори.
– Одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе биде обврзувачка за институциите на локалната самоуправа и за централната власт да биде испочитувана. Сведоци сме во последно време дека вниманието на јавноста беше подигнато по објавувањето на владината Стратегија за интегрирање на бегалци и странци во Република Македонија за периодот 2017 -2020 година со која беа предвидени мерки за интеграција на бегалците во македонската држава и македонското општество и со која беа предвидени мерки за трајни решенија и за вдомување на бегалците на територијата на Република Македонија, рече Колев.
Колев побара од членовите на Советот да ги надминат политичките разлики и со поддршката на референдумот да донесат одлука во интерес на граѓаните на општината и државата. Тој немаше информации колку бегалци побарале азил во Македонија но, одговори на новинарското прашање каде гледа бегалци кога на државните граници нема наплив за влез во земјава поточно ги има во бројка од околу педесеттина.
-Сите европски аналитичари предвидуваат дека во периодот кој што следи е голема веројатноста и треба да се очекува голема навала или налет на бегалци од загрозените подрачја. Пред пет години веројатно никој не можеше да ги предвиди големите колони бегалци кои што се случуваа во изминатиот период на нашата граница и на територијата на цела Европа. Претпоставувам дека следите оти и останатите држави во регионот се организираат за да спречат навала на бегалци. Конкретно Бугарија изгради ограда долж нејзината граница ми се чини во должина од 270 километри, долга ограда на границата со Турција, рече Колев./У.Ј