Кружниот тек над велешка Гимназија засега не се гради!?
Извадени се бехатон плочките од тротоарот на самиот горен ќош пред средното училиште „Гимназија Кочо Рацин“ и свиокот со улицата што води кон зградата на ЕВН. Таму, минатата недела, два дена градежни работници го подготвуваа теренот за изградба на новиот кружен тек на главната градска сообраќајница „Благој Ѓорев“. Тоа се случуваше минатата недела и во исто време кога градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, најави дека општината ја започнува изградбата на новиот поточно трет кружен тек, во неговиот мандат.
Но, по седум дена од најавата на лице место не се изведуваат градежни работи. Граѓаните веќе шпекулираат дека изградбата на кружниот тек била запрена и немало да се гради во предизборие.
Од општина Велес денеска одговорија дека не станувало збор за запирање на изградба туку се чекало новото сообраќајно одобрение од МВР за тој дел од градот.
„ Општина Велес ве информира дека работите на новиот кружен тек во близина на гимназија не се запрени. Во минатата недела таму се извршија подготвителни активности за реализација на проектот. Во меѓувреме фирмата кога треба да го изгради треба да ја определи динамиката по која ќе се дрижат градежните активности. Деновиве се очекува да пристигне и новото сообраќајно решение за тој дел од градот,“ соопштија од Општина Велес.
Новите сообраќајни решенија низ градските улици денеска беа тема и на прес конференцијата на Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ. Од таму зборувајќи за изградениот кружен тек на влезот на Велес, на штипско џаде, рекоа дека ако пред една година ветиле денеска од изградениот кружен тек имаат за право да соопштат оти ветеното е реализирано.
– Ова место пред една година или пред да се изгради кружниот тек беше целосно непрегледно и не безбедно. Сообраќајот на ова место се одвиваше отежнато и со застој, а често пати се случуваа и тешки сообраќајни незгоди кои завршуваа со голема материјална штета или пак човечки животи. Нашата главна цел беше да го направиме влезот во Велес безбеден и да се зголеми проточноста на сообраќајот. За реализација на овој проект локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестираше вкупно 6 милиони денари. Статистиките и анализите по изградбата на кружниот тек на овој потег нема незгоди, нема опасност за учесниците во сообраќајот, нема не прегледни делови. Освен за кружното движење на оваа крстосница се изгради голем потпорен ѕид, а се постави и осветлување, рече портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Велес, Живе Катранџиев .
Тој додаде дека пред граѓаните не излегувале со гласни пароли и шарени измислици за да се додворуваат, како што тоа го правел СДСМ, туку со конкретни мерки и дела кои биле одговор на потребите на велешани. /У.Ј