Велешанецот Борис Колев е машиновозачот што ја зачувал парната локомотива на Железничката станица во Велес
„Цел работен век го поминав со локомотивата, како машиновозач. Рацете ми беа црни но, душата ми беше чиста. Локомотивата, со која другував од 1946 па се до 1963 година, ми беше најдобриот другар. Поминав илјадници километри без да направам било каков прекршок. Да бидеш машиновозач не е лесно. Секогаш треба да имаш не две туку четири очи. Навистина е преубаво кога ја возиш локомотивата. Кога го вдишуваш мирисот на ќумурот, кога го слушаш тропањето на шините , кога горделиво секојдневно ја крстариш земјата. Таа локомотива ми даде и леб и пензија“, често додека беше жив велеше велешанецот Борис Колев.
Парна локомотива со вагони на железничка станица во Велес во 1936 година
Тој како висококвалификуван возач на локомотиви беше еден од стотината велешки машиновозачи. Роден е 1921 година. Татко му Марко и мајка му Сава живееле од земја. Имале беден но чесен живот. По завршеното четврто одделение, за време на СХС , Марко својот син Борис го однел да чиракува кај познатиот фурнаџија Илија Танев. Дуќанот му бил во близина на плоштадот „Саармале“. Така Борис десетина години со мајстор Илија работел и ноќе и дење. Произведувале леб, гевреци, сарајлиња, науттлии. Преку ноќ го подготвувале лебот за рано наутро аргатите да го купат. И пецивата ги правеле рано. Потоа доаѓале домаќинките и носеле леб за да им испечат. За празниците пак имало и тепсии баклави, а поимотните велешани, во земјени грниња и тави носеле да им ги подготват месото или глава од свиња во тава.
Борис не се жалел од работата, а и мајстор Илија бил многу добар човек. Но, кога го научил занаетот и кога сакал сам да си отвори фурна дошле Бугарите. По кратко време бил мобилизиран и испратен во Ќустендил на отслужување на воениот рок. Со него биле и други педесетина млади велешани, а како Македонци ги имало и од Битола, Скопје, Кавадарци, Штип, Прилеп и други места.
По кратко време Борис, со уште дваесетина велешани, се вклучил во партијата за борба против фашизмот, која била активна во тамошната градска касарна. Тие донеле одлука со оружјето и муницијата да побегнат од бугарската војска и да се приклучат на партизаните. Така и било.
Кога дошле на велешки терен се приклучиле кон велешката бригада. Учествувале во ослободувањето на Велес . По завршување на војната наместо фурнаџија Борис оди да работи во железница.
Машиновозачи на парни локомотиви од Велес
„Татко често ми раскажуваше како се почувствувал кога прв пат отишол на станица во Велес. Велеше: Кога отидов на железничката станица имаше локомотива. Ми остана во срце. Огромна и силна. Ех, си реков, кога јас би ја возел би бил најсреќниот човек. Локомотивата ја возеше Пепи Велев, еден од неколкумината велешани што и за време на стара Југославија возеа парни локомотиви. А и добро го познавав мајстор Пепи бидејќи и тој живееше под Којник. Не ни сонував дека токму таа машина ќе ми биде животен сопатник“, се присети Страшо Колев, син на Борис.
Така Борис прво посетувал курс во Скопје и откако го завршил една година работел како ложач а потоа станал машиновозач и тоа не на друга туку токму на машината која првпат ја видел на железничката станица во Велес. Прв мајстор му бил токму Пепи Велев се дури не заминал во пензија.
Железничка станица во Велес во 1938 година
По неколку месеци возење добил партиска задача со патнички воз и со силно обезбедување од војници и полицајци, да превезе важна личност од Велес до Кременица, кај Битола. Задачата ја извршил во најголема тајност.
Кога се вратил назад му кажале дека личноста што ја возел бил Енвер Хоџа кој од Македонија бил префрлен во Албанија. Со првата задача Борис стекнал голема доверба и станал многу ценет меѓу железничарите и одговорните во тогашната власт.
Семејна фотографија на Колеви, Борис и Нада со децата и пријателите
Штом Борис почнал да зема убава плата се оженил со Нада. Имале среќен брак и три деца, син Страшо и ќерки Рума и Јасминка. За Борис немало празник. За него најважно било да биде на работа, локомотивата секогаш да биде исправна и секогаш да внимава да не направи некоја сообраќајка. Тој во ниту еден момент не откажал дека не може да оди на работа. Често од Гевгелија се враќал во Велес и веднаш продолжувал да вози за Битола. Тоа било време кога во 24 часа низ железничката станица во Велес минувале 96 патнички и товарни возови. Освен за Скопје, Битола, Гевгелија, Кочани сообраќале и меѓународните возови Атина- Париз, потоа Атина-Минхен, Атина- Дортмунд, експресниот Битола -Белград и други.
Машиновозачот Колев со колегите и сопругите на Железничка станица во Велес
Во моментите на починка Борис бил голем другар со колегите машиновозачи па и со ложачите со кои биле како едно семејство. Тогаш во Железница во Велес Борис работел заедно со Ладо Србов, Љубе Солев, Ладо Цветков, Борис Војницалиев, Мито Марков, Благој Котов, Илија Алчев, Спасе Николов, Иван Оцедов, како и најстарите Пепо Велев, Перо Марков и Димче Илков. Така Борис, кој повеќе години бил и главен надзорник, бил голем другар и со Борис Ѓошев, Темо Смилев, Круме Југов, Ладо Теов, Јован Ѓошев, Дуката, Живко Каров, Ѓорѓи Миланов, Илија Џувалеков, Илија Танчев, Андо Мијаков, Илија Андов, Ацо Димов, Саво Димов, Иван Андреев, и други.
„Борис беше вистински професионалец. Беше човек и голем другар. Комплетно беше посветен на работата. Го почитуваа сите и како машиновозач и како шеф. Ретки беа луѓето како што беше Борис. Кога се работеше беше прв. Не ја оставаше работата за после. Бараше дисциплина, а душа од човек беше кога ќе ја завршевме работата“, вели 82 годишниот којничанец Саво Димов. И тој лично го познавал ценетиот колега со кој често извршувал работни задачи и другарувал.
Кога во 1977 година од железничкиот превоз во Македонија биле повлечени , парните локомотиви поради модернизација, машиновозачот Борис Колев прво ги собрал на едно место а потоа организирал и сите локомотиви ги однел на ремонт во Ниш.
По ремонтот сите парни локомотиви ги вратил во Македонија а една од нив успеал да обезбеди да остане на железничката станица во Велес. Тоа не е неговата прва професионална љубов но стои гордо на шините во Велес и неа можат да ја видат сите граѓани кои патуваат со воз.
По оваа работна акривност Борис заминал во пензија со бројни признанија и пофалби и живеел се до смртта, во 2000 година, во својот роден Велес.
Стоилко Андреевски