Заев: На локалните избори, Аце Коцевски ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на Велес
Премиерот Зоран Заев во рамките на денешната посета на Велес официјално потврди и го промовираше Аце Коцевски за кандидат за градоначалник на СДСМ. Заев рече дека се чувствувал среќен што негов поранешен колега и поранешен градоначалник на Велес, повторно ја добил можноста да биде татко на градот.
– Кога заедно почнавме, во 2005 година, Велес и тогашниот градоначалник Аце Коцески блескаа. Јас се надевам дека Велес ќе го врати својот сјај токму со заедништвото на граѓаните и со Аце Коцевски. Тоа ми е значајно. Јас како Премиер го слушам гласот на граѓаните, тие имаат многу добри идеи и сугестии а еден дел од тие сугестии се реализираат на локално ниво. Јас знам дека Велес ќе има добри перспективи. Инаку, и покрај тоа што имавме многу добри кандидати тука во Велес, до кандидатот дојдовме откако направивме анкети и истражувања во кои Аце Коцевски води со 77 % пред било кој кандидат од било која политичка партија во Велес. Но тоа не е доволно. Јас очекувам и тој и останатите членови на партијата да дадат збор пред велешани за тоа што ке сработат, рече Заев.
Тој верува дека градот ќе имал перспектива со Коцевски и со листата на кандидати за состав на новиот Совет на општина Велес./У.Ј