Коџабашиев: На Зоран Заев и политичарите на СДСМ не им е местото во Велес
Бидејќи Велес бил градот кој најмногу пропатил од политиките на СДСМ како што биле затворање на фабрики, технолошки вишоци и бркање луѓе на улица поточно град синоним на поимите транзиција и криминална приватизација, на грабеж, пустош на економијата и уништување на цели семејства затоа СДСМ и Заев никогаш не биле добредојдени во Велес. Ова го рече на денешната прес конференција поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорги Коџабашиев.
– На СДСМ и Заев не им е местото во Велес затоа што од град на индустријата го направија град на невработеноста и сиромаштијата. СДСМ и Заев не се пожелни во Велес затоа што ги распарчија најголемите фабрики во градот и оставија илјадници наши сограѓани наулица. Нема добредојде од Велес за Заев и СДСМ затоа што оставија рекордни 16.912 луѓебез работа. Нема место за СДСМ и Заев во Велес затоа што ја пропаднаа фабриката Порцеланка и ги тепаа работниците само затоа што си ги бараа сопствените плати. СДСМ и Заев не се пожелни во Велес затоа што уништија и ставија катанец на фабриките Свилара, Брако, Графичар, Велеспром, Интернационал, Транс Велес, ХИВ, ГП Бетон, ГП Пелагонија и ГП Младост. Заев и СДСМ не се пожелни во нашиот град затоа што поставуваа роднини за судии и стечајни управници за фабриките во Велес, кои преку стечајни постапки направија да ги украдат луѓе блиски на СДСМ, рече Коџабашиев.
Тој додаде дека имало голема разлика помеѓу политиките кои ги водел ВМРО-ДПМНЕ и политиките на СДСМ и тоа дека додека во време на СДСМ фабриките се затварале нови се отварале во време на ВМРО-ДПМНЕ а некогаш затворените погони повторно се рестартирале.
– Во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ се отвори фабриката Маркард која е прва новоотворена фабрика во нашиот град по пауза од 20 години. Фабриката Маркард работи успешно и таму се вработени околу 450 лица. Се отвори фабриката Лутекс во погоните на поранешна Свилара. До крајот на годинава се очекува да се вработат 100-тина граѓани. По подолга пауза се рестартираше и фабриката Киро Ќучук. Голем број велешани работат и во погоните на фабриките Дрекселмаер, Ван Хол, Џонсон Контролс, Џонсон Мети и други, рече Коџабашиев.
Тој додаде дека за разлика времето на СДСМ, кога бројот на невработени лица, достигнал црн рекорд од речиси 17 илјади лица, во време на ВМРО-ДПМНЕ се отвориле 4.500 нови работни места за велешани како и дека додека во време на ВМРО-ДПМНЕ во Велес се инвестирало и градело, во времето на СДСМ се било зачмаено и градот назадувал. Коџабашиев ја критикуваше и кадровската политика на СДСМ поради истите луѓе кои и претходно во времето на Бранко Црвенковски и сега во времето на Заев се појавиле и трчале како најголеми послушници поради лични интереси./У.Ј